Градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноси, денеска реферираше пред комисијата за култура на Собранието на Република Македонија за проектите и преземените активности на локалната самоуправа поврзани со заштитата на природното и културното наследство на градот кое е под заштита на УНЕСКО, што е дел од надзорната расправа за Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
Стојаноски истакна дека од почетокот на мандатот бил запознаен со состојбите и проблемите со кои се соочува Охрид и Охридскиот регион и активно бил вклучен во утврдувањето и отстранувањето на бројни недостатоци кои доведоа до тоа Охрид да биде ставен под мониторинг и посебна опсервација на УНЕСКО.
-Како Градоначалник определив член од Општина Охрид кој беше вклучен во работната група за подготовка на Акциски план и Извештај за постапување по препораките на мисијата на УНЕСКО. Во предвидениот рок, работната група успешно го подготви финалниот документ. Исто така номиниравме лице-претставник на Општина Охрид за член на Комисија за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион. Јас и целокупната администрација на Општина Охрид соработувавме и учествуваме во изработката на Конечниот извештај за напредокот во спроведувањето на препораките кој подоцна беше усвоен на Влада. – рече Стојаноски.
Во врска со деталните планови за 19 комплекси во споменичната целина Старо градско јадро како и заклучокот од Извештајот дека се очекува финансиска подршка од Министерство за трнспорт и врски, Стојаноски пред собраниската комисија истакна дека Општина Охрид на 09.02.2018 г. поднела барање овие планови да влезат во програмата за урбанизација на министерството, што не се случило.
-За жал Министерство за транспорт и врски со писмо бр.02-1984/2 од 20,03,2018 г. ни одговара дека Јавниот повик за 2018 година сеуште не е објавен и дека по објавувањето може во електронска форма да поднесеме предлог за изработување на планови. Сметам дека заради важноста на прашањето и неможноста на Општина Охрид самостојно да ја финансира изработката на плановите, Владата да го задолжи МТВ да ги изработи плановите за 19 комплекси но и за крајбрежниот појас на езерото. – истакна Стојаноски.
Стојаноски рече дека Општина Охрид учествува активно во процесот за изготвување на План за управување со сливот на Охридското Езеро, што се реализира во рамките на Дримскиот процес, како и дека е направен значителен напредок за заштита на животната средина со проектот за пренасочување на реката Сатеска во старото корито.
– Општина Охрид благодарејќи на финансиската поддршка на УНДП, направи значителен исчекор во решавање на проблемот со еден од најголемите загадувачи на Охридското Езеро – Реката Сатеска. Од оваа соработка со УНДП во фаза на реализација сме на проектот со кој реката Сатеска ќе се врати во старото корито. За прв пат по 1960 во соработка со Министерство за животна средина, Водостопанство, ЕЛЕМ, експерти од Еко-тим како и невладини здруженија се постигна да се реализира овој проект. Заради обемноста и преголемите финансии потребни за целосна реализација, овој проект ќе се одвива по повеќе фази. Со првата фаза целосно финансирана од УНДП ќе се изработи комплетен основен проект, прочистување на старото речно корито и изградба на разделна градба која ќе го контролира течението на реката. Очекуваната вредност на првата фаза за која добиваме подршка од УНДП изнесува 400,000 УСД. Понатаму проектот продолжува со следните фази: регулирање на горното течение на Река Сатеска со постапки за прочистување на коритото, пошумовање на падините со цел намалување на количините на мил кои се внесуваат во реката, подобрување на комуникацијата помеѓу двете обали како и туристичка валоризација на новиот крајолик. – елаборираше Стојаноски.
Градоначалникот истакна дека општината не добила поддршка за ревитализација на остатоците од Студенчишко блато, поради што градот самостојно ќе изработи Ревизија на постојната студија.
-Сакам да истакнам дека се заложуваме за научен пристап не само за заштита на блатото туку и негова туристичка валоризација. Во рамките на новата ревизија треба да се добие и одговор и за можноста во рамките на ова подрачје да се реализира марина која ќе го реши уште еден горлив проблем на Охрид. – рече Стојаноски.
Во однос на Стратегијата за туризам на Општина Охрид, Стојаноски посочи дека Општината ја продолжува соработката со Швајцарската фондација Swiss Contact. Одржани се повеќе состаноци и активно соработуваме во отстранување на недостатоците во документот кој е во фаза на нацрт, a забелешки на овој документ имаа и неколку невладини организации за кои и ние сметаме дека се оправдани, додаде градоначалникот на Охрид.
– Во конечната верзија на стратегијата мора да се истакне заштитата на „Универзалните вредности на доброто“ како почетна точка, но и потребата од усогласеност на стратегијата со Националната стратегија за туризам и со Планот за управување со Охридскиот регион. – дециден е Стојаноски.
Што се однесува до проблемот со колекторскиот систем кој е во очајна состојба и претставува сериозна опасност за Охридското Езеро, покрај соработката со Централната власт, Општина Охрид и самостојно презема чекори за надминување на овој проблем, рече Стојаноски.
– Досега сме имале состаноци со неколку реномирани компании кои се занимаваат со системи за третман на отпадни води со цел да се пронајде оптимално решение кое решение покрај зафатите на реконструкција на постојната мрежа, треба и да даде иновативно енергетски ефикасно и одржливо решение. Ова треба да резултира економскиот оператор кој ќе стопанисува со овој систем да може рентабилно да управува. – истакна Стојаноски.
Тој ја информираше надлежната државна комисија дека општината формира канцеларија за соработка со УНЕСКО и назначи координатор кој ја раководи со неа.
– Сметам дека најприоритетна задача е донесување на измени на Законот за управување со Охридскиот регион како и донесување на План за управување. – рече во излагањето градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.
OhridNews
















