Регионална депонија ќе има и мора да има, проблем е само локацијата која ги засега жителите на општина Дебрца, но и од Охрид, вели охридскиот градоначалник Јован Стојаноски. Стојаноски додава дека Охрид, како град под УНЕСКО, е обврзан да ги донесе планот и стратегијата за управување со Охридското Езеро што е поврзано и со управувањето на отпадот.

– Сметам дека треба да има корекции во физибилити студијата и тие корекции најверојатно, кога ќе се седне на маса со ресорното министерство, премиерот, претставници на општините од југозападниот регион, со една добра елаборација на физибилити студијата ќе дојдеме до заедничко решение кое ќе е во интерес на сите, вели Стојаноски. Охридскиот градоначалник потенцира дека е неопходно презентирање на физибилити студијата, што ќе придонесе јавноста да биде запознаена околу поединостите и содржините на предвидената депонија.

Од Архитектонскиот факултет од Скопје, со идентичен став како и градоначалникот дека изградбата на депонија е неопходна со цел да се реши проблемот со дивите депонии.

– Собирањето на отпад има суштинско влијание врз квалитетот на живеење. Иако зборувам со резерва, бидејќи ние не сме вклучени во проектот, депонијата е насушна потреба. Ние мора да најдеме систем кој ќе функционира беспрекорно. Во однос на реализацијата, таа секогаш зависи од целта. Може да ги преземеме искуствата од Шведска, земја која во последните 70 години континуирано инвестира во третманот со отпадот. Се градат големи објекти таканаречени инсинератори кадешто се гори ѓубрето, или се произведува био гас кој се користи за јавниот траснпорт, енергија итн. Но, затоа мора да се има систем за да можат на крај да се користат овие придобивки, вели проф. Д-р Огнен Марина, Декан на Архитектонскиот факултет во Скопје.

До 2020 година Македонија мора да го реши проблемот со дивите депонии. Од локалната самоуправа потенцираат дека во соработка со министерството за животна средина интензивно се работи на решавање и на проблемот со дивата депонија во Мауцкер, каде е предвидена изградба на индустриска зона.

OhridNews

(Обновено + фото) Еколошко востание во Дебрца против изградбата на депонија: „Премиере одржи си го зборот“