Стресот претставува психолошки и физички одговор на нашето тело кон променливата околина. Несомнено дека современиот начин на живот и брзото темпо кое го налагаат секојдневните човекови потреби, придонесуваат за оваа состојба.

Како појава која е тесно поврзана со физичката, психичката и емоционалната состотојба на човекот, се среќава кај сите возрасни групи. Почнувајќи од децата во образованието, па до возрасните на работните места и домовите. Она што ги загрижува медицинските експерти, е штетното влијание на стресот врз целокупниот човеков организам.

Според д-р Сузана Новакоска Дујковиќ, од поликлиниката „Кардиолаб Маџаров“, стресот го претставува нашето секојдневние, а неговото штетно дејство  се одразува врз телото.

Стресот може да доводе до покачување на крвниот притисок, а со тоа да страдаат срцето и крвните садови. Исто така, тој претставува ризик-фактор за појавата на дијабет како резултат на зголеменото лачење на гликокортиколидите.“ – вели д-р Новакоска Дујковиќ.

Стресот исто така директно не влијае на забите. Како што потенцира д-р Ангеле Гиноски од стоматолошката ординација „Дентомедика“, при оваа појава познати се одредени болки во периферните нервни завршетоци, односно болки на забите.

Луѓето при стрес честопати чувствуваат болка дури и на забите кои никогаш не биле пломбирани. Исто така, при стрес се јавува и периферна вазоконстрикција, стеснување на крвните садови, каде што симптомите се слични.“ – вели д-р Гиноски.

Овој негативен „тренд“ не ја одминува ниту најмладата категорија граѓани. Слабите оценки и лошото поведение, можат да бидат предупредувачки знак дека децата се под некој сериозен стрес.

Оваа појава може да се манифестира на различни начини кај младата популација. Кај некого предизвикува агресија и аксиозност, додека кај други депресија и меланхоличност. Во секој случај, родителите треба секојдневно да разговараат со своите деца, како би се надминале некои проблеми со кои младите се соочуваат во училишните клупи.“ – вели  просветен работник од едно охридско средно училиште.

Некои сметаат дека големите очекувања и притисокот од работодавците, се едни од главните предизвикувачи на стресот. Исто така, меѓу главните ризик-фактори граѓаните го наведуваат мобингот, за кој во јавноста малку се зборува.

Сепак, медицинските лица истакнуваат дека луѓето на различен начин можат да го амортизираат стресот. Како што потенцира д-р Новакоска Дујковиќ, некои тоа го прават преку спортските активности, додека други преку исхраната.

Секоја индивидуа на различен начин го амортизира стресот. Оние кои страдаат од оваа појава, треба што повеќе да внесуваат зеленчук и овошје, бидејќи тие на некој начин го ревитализираат организмот. За да се справиме стресот, потребен е доволен сон, затоа што недоволното спиење го забрзува стареењето на нашето тело. Исто така, спортот и спортските активности се битен сегмент, кој помагаат да заборавиме на оваа појава. “ – додава д-р Новакоска Дујковиќ.

Медицинските експерти советуваат покрај овие активности кои  помогаат да се надмине стресниот начин на живот, треба да се избегнат некои лоши навики, како што е претерано консумирање алкохол, кафе и кофеински напитоци. Сите тие на некој начин, претставуваат фактор кој го поттикнува стресот кој се смета за „болест“ на 21-виот век.

O.T.