Следејќи ја состојбата со сообраќајот, на ниво на цела држава, констатирана е појава на недисциплина и непочитувањето на сообраќајните правила и прописи. Поради тоа, министерството за внатрешни работи подготви низа мерки и активности што ќе се реализираат во наредниот период, како во поглед на засилена превенција, така и во поглед на ригорозно спречување на ваквиот негативен тренд, информираа од МВР.

– Во наредниот период најстрого ќе бидат санкционирани сообраќајните прекршоци кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и слично, рече на денешната прес конференција, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Во урбаните средини, заради обезбедување на поголема проточност на сообраќајот, ќе има засиленото присуство на сообраќајната полиција и “пајак“ возилата. Исто така, најригорозно ќе бидат санкционирани и прекршоците во поглед на неовластено вградување и користење уреди за давање посебни светлосни и звучни знаци во возилата (т.н. флешери).

– Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, не за да го избегнат плаќањето на казните туку, пред се, за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот на патиштата, потенцираат од МВР.    

Од почетокот на годината до денеска седум лица го изгубиле животот во сообраќајни незгоди во Република Македонија.

OhridNews