Урбанистичкото планирање без инволвирање на стручната јавност претставува сериозен проблем кој подолг период се провлекува во Македонија сметаат во Асоцијацијата на архитектите. На овој тренд, според стручњаците не е имун ниту Охрид, иако се работи за светско културно наследство кое  ги  надминува националните, па дури и регионалните рамки. Затоа, велат архитектите, Охрид не смее да биде заложник на било какви експерименти кои можат да ги загрозат препознатливите вредности, кои важечките закони недоволно ги штитат, бидејќи повторно во нивното изготвување малку е вклучена  стручната јавност.
-Кога се донесува Закон за одреден простор мора да се подготви многу внимателно и долго. За таа подготовка е потрбна науката, затоа што не е правничка работа да се одреди регулатива за еден суптилен простор кој што содржи внтаре извонредно важни вредности, изјави Даница Павловска- претседател на Асоцијацијата на архитекти на РМ.
Архитектите сметаат дека при осмислување на просторот треба да се респектира културното наследство, и да се почитуваат стручните мислења, а прописите никако не смеат да бидат алиби за задоволување на одредени амбиции.
-Постојат акти, легистлатива, концепт на интегрирана заштита, постојат илјада алатки со кој можеме да функционираме секојдневно и да не создаваме конфликти. Прашањето е дали ние ги бараме алатките да ни бидат алиби за нашите промашувања или за да создаваме култура во која идентитетскиот комплекс ќе биде поставен таму каде што треба, истакна проф Кокан Грчев од Американ Колеџ.
За состојбите во урбанизмот и планирањето на просторот се дебатира на Разговорите за архитектурата, што во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија деновиве се одржуваат во Охрид. Целта на оваа иницијатива е да се отвори широка дебата за потребата од примена на принципот на одржлив развој во градовите кои под силниот притисок на урбанизацијата забрзано го менуваат својот лик.
OhridNews