Општина Струга започна со 24 часовен надзор над депонијата по нејзиното повторно опожарување. Како што информираат од Општината, паралелно со истрагата, веќе започнато е спроведување дополнителни безбедносни мерки на депонијата за да се спречат слични случаи во иднина и ќе продолжат во соработка со Министерството за внатрешни работи и останатите надлежни институции за целосно расветлување на случајот.

Неодговорни лица ја запалија депонијата во Струга, создавајќи сериозна ситуација што го загрозува здравјето и безбедноста на сите граѓани. Благодарение на брзата реакција на општинските служби и надлежните институции, пожарот беше локализиран и изгаснат навреме, со што беа спречени уште потешки последици. Веднаш на местото на настанот излегоа и припадници на полицијата, како и надлежните инспектори, кои отворија постапка за идентификување и изведување пред лицето на правдата на сторителите. Првичните сомнежи и трагите пронајдени на местото на настанот јасно укажуваат на намерно предизвикан пожар. На теренот се забележани траги од бензин. Станува збор за кривично дело кое не може и нема да биде толерирано, посочуваат од Општина Струга.

Воедно, ги повикуваат сите граѓани, доколку располагаат со информации што можат да помогнат во идентификувањето на сторителите, истите да ги споделат со надлежните органи.

OhridNews