Учениците од ОУ „Ашим Агуши “ од струшкото село Радолишта го освоија првото место на националниот квиз за енергетика, на кој учествуваа вкупно 100 ученици од 15 училишта од Република Македонија. Второто место им припадна на учениците од ОУ „ Јосип Броз Тито “ од Струга, а како трети завршија натпреварувачите од ОУ „Алија Авдович“ од Скопско Батинци.

Натпреварот кој се одржуваше во текот на вчерашниот ден е дел од Училишниот проект на ЕВН Македонија, а имаше за цел да го измери знаењето на основците за енергетска ефикасност и нејзиното значење.


-ЕВН Македонија оваа година во реализацијата на училишниот проект воведе системски промени во концептот. Наместо еднократни посети на училиштата со кои се одржуваа едночасовни работилници за енергетска ефикасност, годинава едукаторите од локалните НВО ги посетуваа одбраните училишта во текот на целата учебна година, информираат од компанијата.

Оттаму појаснуваат дека во училиштата од општините Студеничани, Липково, Струга, Струмица и Прилеп, биле оформени енергетски клубови според посебна програма, кои  во текот на целата учебна година работеле на мерки за намалување на потрошувачката на електричната енергија во нивното училиште.

-Преку интерактивни вежби, практични примери, експерименти и многу други модерни методи, децата активно учеа како да се биде совесен при користењето на електричната енергија.  Училишниот проект оваа година воведе и уште еден новитет – натпревар за најдобар постер на тема енергетска ефикасност. Најдобрите постери изработени во енергетските клубови беа изложени за време на националниот квиз, велат од ЕВН Македонија.

За да се овозможи континуитет на енеретските клубови, наредната година секое училиште ќе добие одреден буџет за изработка на специјален проект за намалување на потрошувачката на електрична енергија во општината.

OhridNews