Од 1 јуни хирурзите и анестезиолозите во Општата болница во Струга ги ограничиле своите активности само на итни хируршки интервенции, додека сите планирани операции и неитни случаи се одложуваат до понатомошно известување. Според нив, ваквата одлука е резултат на долгогодишни нерешени проблеми поврзани со пресметката и исплатата на нивниот труд, како и отсуството на слух од надлежните институции за решавање на овие прашања.

Медицинскиот персонал посочува дека и понатаму се применува застарена програма за пресметка на платите, како и дека незаконски е намален бројот на повици за приправност и не се исплаќа соодветниот број реализирани повици. Дополнително, кај анестезиолозите е намален бројот на часови за приправност што се пресметуваат и исплаќаат.

Меѓу нивните барања се и исплата на вишокот реализирани часови, како и исплата на инфективниот додаток кој, според нив, неоправдано не се исплаќа.

Хирурзите и анестезиолозите нагласуваат дека Струшката болница е единствена болница од секундарното здравство во која се реализира толку голем број елективни и итни хируршки интервенции, вклучувајќи и значителен број онколошки операции. Сепак, како што тврдат, лекарите кои ги извршуваат овие интервенции примаат пониски плати од лекари во други здравствени установи каде во текот на месецот не се реализира ниту една операција.

Тие исто така потенцираат дека Општата болница во Струга е единствената болница од секундарно здравство која оперира пациенти од целиот југозападен регион на државата.

И покрај незадоволството, лекарите остануваат на своите работни места и ќе продолжат да ги третираат сите итни случаи, се цел да не биде загрозено здравјето и животот на пациентите.

Сепак, планираните операции остануваат во мирување се додека не се најде решение за нивните барања.

OhridNews