Традиционалната домашна храна, културното наследство и природните богатства- се дел од понудата за холандските гости кои од мај се очекува да ги посетат струшките села Вишни, Горна Белица и Вевчани. Тие  се опфатени со проектот „Со работа во руралните средини инвестираме во иднината“, чија основна цел е подобрување и проширување на туристичката промоција на планинските села во струшко, како и неколку села во пограничниот дел од Република Албанија.

Како што потенцира Христијан Ковачески од невладината организација „Парумба“ МКД од Струга, во текот на изминатиот период биле спроведени бројни активности за јакнење на сместувачките капацитети во овие села и за развивање на локални производи кои преку туристичките агенции би им се понудиле на гостите.

Задоволни сме што имаме веќе конкретни резултати, понуда за следната сезона. Трите пакети кои се нудат се тематски за секое село и со нив се опфатени традиционалната храна, културно наследство и природни богатства, карактеристични за секое од нив. Мештаните се обучени и да водат и организираат еднодневни или дводневни тури, со кои може да се посетат селата кои меѓусебно се поврзани со означени планински патеки, вели Ковачески. 


Жителите на струшко задоволни што се превземаат чекори за развој на руралниот туризам. Велат- природните убавини и домашната храна која ја нудат никого не го остава рамнодушен.

Прв пат сега ќе ја издаваме викендичката, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите во иднина. Имаме услови за дочекување на гостите и ги очекуваме во голем број, местото е многу убаво и сместено на 1600 метри надморска висина, вели Климентина Кралевска која ја подготвува својата викендичка за туристи во Горна Белица.


Од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот потенцираат дека е изготвена предлог програма за развој на руралниот туризам. Од министерството за економија се побарани и финансиски средства кои ќе бидат наменети токму за развој на руралниот туризам.

Се испитуваат можностите, во кој сегмент може и како да им се помогне на жителите во овие села, во опремувањето на објектите, инфраструктурата и самата промоција. Многу од гостите ги посетуваат руралните средини токму и поради домашно подготвената традиционалната храна. Во подготвувањето на понудените пакети ќе соработуваме и со Факултетот за туризам и угостителство и средното угостителско училиште, објаснува   Владо Суклоски од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

Претставници на патнички агенции од Охрид, Струга и албанските градови Корча и Поградец, учесници во проектот, денеска во Охрид одржаа работен состанок со цел да ги координираат понатамошните активности од проектот.

Проектот со поддршка на Европска Унија, како дел од ИПА програмата за меѓугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија, го спроведуваат невладината организација Парумба МКД од Струга заедно со својот партнер Фондација за поддршка на претпријатија – Охрид и партнер организацијата – Фондација Табита од Корча.

OhridNews