Родители на деца од предшколска и школска возраст од Струга апелираат до локалните власти итно да преземат мерки за решавање на проблемот со кучињата скитници во градот.

Кај граѓаните на Струга постои загриженост за својата безбедност и безбедноста на нивните деца и страв предизвикан од бездомните и незгрижени кучиња кои се движат во големи глутници.

  • Најчесто можат да се забележат рано наутро кога луѓето се упатуваат кон своите работни места, а децата на училиште или во градинка, како и во вечерните часови кога има мала раздвиженост на улиците, велат  стружани.

Граѓаните кои го испратија барањето до редакцијата на Охридњус, потенцираат дека глутниците кучиња ја загрозуваат безбедноста на сите, но пред се на децата кои одат на училиште без придружба на возрасно лице, како и старите лица кои не се во можност да се одбранат.

  • Како туристичка дестинација градот Струга треба да се грижи и за безбедноста на туристите кои го посетуваат градот, додаваат стружани.

Итноста на решавањето на овој проблем доаѓа и поради фактот што во отсуство на мерки преземени од надлежните, локални граѓани може да почнат да ставаат отров, со што освен што се загрозува животот на домашните миленици и е нехуман однос кон уличните кучиња, претставува опасност и за децата.

Барањето- молба е испратено и до струшката локална самоуправа со надеж дека оттаму ќе бидат преземени соодветни мерки за решавање на проблемот.

OhridNews