За неполн час партијата „Достоинство“ во Кичево и Ресен, денеска, собра стотина гласови за отпочнување на иницијативата за референдум.

-Сега за сега се тече како што очекувавме. Имавме неколку формални проблеми кои што ги надминавме. Ние уште во текот на вчерашниот ден собравме 100 потписи, а денес во Кичево веќе имаме собрано уште сто потписи. Исто така се надеваме дека и во Струга ќе собереме сто потписи. Тоа е повеќе од тоа што нам ни треба, но симболиката во Струга и Кичево е голема, бидејќи едно од референдумските прашања се однесува токму на проблемот што ги мачи стружани и кичевчани, односно вештачкото правење на овие два града во мнозинско албански општини,
изјави претседателот на партијата „Достоинство“ Стојанче Ангелов, при поднесување на иницијативата во подрачното одделение на ДИК во Струга.

Ангелов очекува доколку се тече без проблеми иницијативата за собирање 150.000 потписи потребни за распишување на референдум да биде завршена за околу еден месец.

-Во текот на идната седмица ние собранните потписи заедно со потребната документација ќе ги предадеме во Собранието на РМ. Претседателот е должен во рок од три дена да одговори на нашата иницијатива, дали е уредна и доколку е почнува да тече рок од дваесетина дена во кој што премиерот треба да ги извести надлежните органи за собирање на потписи и веднаш потоа треба да почнеме со собирање на потписи. Но, доколку Собранието го најде некое од нашите прашања како спорно, тогаш претседателот е должен да ја стави на дневен ред иницијативата на првата наредна седница на Собранието, но не подоцна од 15 дена. Како и да е, очекуваме за месец до месец и половина да започнеме со собирање на 150 000 потписи. Оптимисти сме бидејќи на терен не наидовме на никакви опструкции и убедени сме дека граѓаните на Македонија масовно ќе ја поддржат иницијативата, која позитивно ја оценуваат и членови на СДСМ и членови на ВМРО ДПМНЕ.-рече Ангелов.

Во врска со забелешките на ДУИ дека иницијативата на „Достоинство“ е ретроградна, Ангелов со коментар дека тоа е уште еден двоен аршин на оваа владејачка партија.

-Дали беше напредна идеја нивното напаѓање на Македонија со оружје?-запраша Ангелов, посочувајќи дека иницијативата на „Достоинство“ е во согласност со Уставот и законите на државата и е насочена кон градење подобар соживот, затоа што, како што рече „албанците знаат дека ставањето на Талат Џафери за министер за одбрана негативно се одразува на меѓуетничките односи“.

Инаку, четирите прашања за кои „Достоинство“ сака да иницира референдум се: Дали сте за или против Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија?; Дали сте за или против автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија со кое се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршувањето на казната затвор извршители на воени злосторства против цивили во конфликтот од 2001 година?; Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да вршат јавни функции во Република Македонија?; Дали сте за или против припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да добијат посебни права утврдени со закон?.

OhridNews