Попладнево, на Факултетот за туризам и угостителство во присуство на премиерот Никола Груевски, министерот за образование Никола Тодоров, видни гости и студенти, беа промовирани 14 дела од проектот на Владата на РМ за превод на 1.000 стручни и научни книги од кои се учи на десетте највисоко рангирани унивезритети во светот.


Ние денес споделуваме дел од светските културни и образовни вредности, преточени во преводите на капиталните трудови од областа на образованието, културата и науката. Со тоа на студентите и сите инволвирани во научниот и наставниот процес ќе им бидат на дофат најновите остварувања и светски трендови во овие области, истакна деканот на Факултетот за туризам и угостителство проф. Д- р Сашо Коруноски.

Како што потенцира премиерот Груевски, достапноста на преведените дела за македонските студенти значи зголемување на квалитетот на нивното образоавние.


Со тоа што ќе учат од истите учебници од кои учат и нивните врсници во најпознатите универзитети за нив ќе значи силен психолошки поттик и зголемување на самодовербата кога ќе излезат на меѓународниот пазар на труд и ќе се соочат со конкуренцијата од иста струка, рече Груевски.

Како што беше истакнато на денешната промоција, со овој проект се засилува идентитетот на македонскиот народ, преку нагласување на значајната улога на македонскиот јазик кој многумина сакаат да го оспорат. – Преку реализацијата на овој проект се продолжува и традицијата на преведувачката Свети Климентова школа, затоа што не е значајно само да се едуцираат луѓето, туку од особено значење е и од кои дела се едуцираат, потенцира ректорот на Универзитетот Св. Климент охридски, проф. Д- р Златко Жоглев.

OhridNews