Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез за британските медиуми изјавил дека е подготвен да поднесе барање за трансфер до својот клуб Ливерпул, а доколку истото е одбиено тој е подготвен да оди на суд за арбитража само за да го напушти клубот.

26-годишниот Уругваец тврди дека минатата година Ливерпул му ветил дека ќе го пушти да замине доколку клубот не се квалификува за Лигата на шампионите.

„Минатата година имав можност да се преселам во голем европски клуб, но останав поради тоа што клубот ми рече дека доколку не се пласираме во Лигата на шампионите, тогаш ќе можам да заминам. Го имам ветувањето на клубот и имаме и пишан договор, ако сакаат ова може да се достави и до челниците на Премиер лигата, но не сакам да дојде до тоа. Не се чувствувам предаден од Ливерпул, но тие ми ветија нешто минатата година, јас дадов се од себе но не се пласиравме во Лигата на шампионите“, изјавил Суарез за британскиот весник Guardian.

Ливерпул минатата година ја заврши на седмото место во Премиер лигата, место кое што не му обезбеди квалификација нити за Лигата на шампионите, нити за Лигата на Европа.

Клубот досега одби две понуди од Арсенал за Суарез, и двете во регионот од 40 милиони фунти, а според информациите од Островот, менаџерот Брендан Роџерс изјавил дека Ливерпул ќе настојува да добие најмалку 50 милиони фунти за трансферот на Суарез.

„Макфакс“