Демонстрантите ривали се судрија денеска во центарот на Атина за време на големиот протест на плоштадот Синтагма против користењето на името „Македонија“ од страна на нашата држава, јавува Греек репортер. Според извештаите, полицијата користела солзавец за да ги раздвои групите на демонстранти.

За време на големиот националистички протест, истовремено се одржува и контра-протест поддржан од левичарски и анархистички здруженија и групи, кој е оддалечен нешто повеќе од еден километар од главниот настан.

На протестот на Синтагма кој се одржува под мотото „Македонија е грчка“ денеска со кран беше подигнато и огромно грчко знаме. Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, тие очекуваат на денешниот собир дека ќе има околу еден милион граѓани. Според нив, протестот ги надминува политичките партии и неговата порака е патриотска и непартиска. Тврдат дека протестот е финансиран од „македонски организации во Грција и надвор од неа, особено од САД“.