Околу 80 вработени во единицата за механизација денесска протестираа заради задоцнувањето на платите.

Директорот на јавното претпријатие, Боро Павлоски  потврди дека  постои незадоволство кај  вработените во претпријатието кои денеска побарале од него да им ја соопшти состојбата.

-Вработените се револтирани со право. Повеќе од еден месец ние се обидуваме низ судско-банкарските лавиринти да  изнајдеме законско решение како да ја надминеме ситуацијата. Жиро сметката на „Комуналец“ поради активирани судски извршни решенија е блокирана, а со одлука на судот на претпријатието му е одреден лимит од 2 милиони денари за тековно работење во месец март, кои ни се доволни само за набавка на нафта, но не и за плати на вработените, ни изјави првиот човек на јавното комунално претпријатие, Боро Павлоски Тој објаснува дека за нормално тековно работење, односно за плати на вработените и одржување на хигиената во градот се потребни 7,9 милиони денари. Поради тоа Комуналец ја обжалил одлуката на првостепениот суд кој одредил лимит за работа на јавното претпријатие  од само 2 милиони денари, а одлуката по жалбата, како што ни изјави Павлоски, се очекува да биде донесена денеска.


Вработените во Комуналец бараат плата

Жиро сметката на „Комуналец“, е блокирана поради доспеани стари долгови и состојбата навистина е сериозна, вели Павлоски.

-Дополнителен проблем сега ни создава концептот бруто плата зошто ја зголемува масата на потребни средства за регулирање на примањата на вработените. Ние располагаме со потребните средства но поради одредениот лимит не можеме да извршуваме финансиски трансакции поголеми од 2 милиони денари, а само за плати се потребни околу 5 милиони денари, посочува Павлоски. Тој објасни дека со донесеното судско решение за лимит од 2 милиони денари во мат позиција не е ставен само „Комуналец“, туку и доверителите кои не можат да ги наплатат побарувањата. Се надевам дека второстепениот суд ќе ја уважи нашата жалба и ќе ни одреди нов, повисок лимит, со што ќе можеме да ги исплатиме платите на вработените, нормално да функционираме и да ги сервисираме старите долгови изјави за Ohridnews, Боро Павлоски-директор на ЈП „Охридски Комуналец“.

Ohridnews