Заради лошото планирање и лошата изведба, еден од најголемите проблеми кај земјените траси е појава на свлечишта, лизгање на земјиштето, односно поместување на страничните делови на патот и затрупување на делницата, која е најдрастична на патот Кичево – Пресека, односно од 12 до 18 километар. Причина за ова е изборот на несоодветната траса, како и тоа што нема извршено геолошко бушење на теренот. Ова денеска при посетата на автопатот во кичевско го истакна министерот за траспеорт и врски Горан Сугарески.
Тој истакна дека не се направени или се направени минимални геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето. Заради овие причини, работите се прекинати цели 13 месеци, a целата опрема е на траса.
-За најдобро да ме разбере јавноста за направените штети ќе го дадам примерот со тунелот кој се наоѓа на 500 метри од тука. Првично проектирана вредност на тунелот е 29 828.637 милиони евра. Поради недостатоци во проектот од аспект на недоволни геотехнички истражни работи во фазата на изведба се врши промена на заштитната облога на тунелот во најтешка категорија со што вредноста на тунелот се искачува на вртоглави 88.930.000 евра, односно повеќе од двојно. Доколку проектот на тунелот се базирал на реални геолошки состојби ќе се констатирало дека чинењето би било прескапо и можело да се бараат други поиздржани решенија како што се измена на трасата, подигање на нивелетата и слично. Поради недостатоци на проектот дополнително е проектиран уште еден тунел со должина од 350 метри. – рече Сугарески.
Тој информираше дека од одговорните за надзор се побарани решенија и предлагано е да се измени проектот со проширување на ископот, односно со зголемување на ископ на земјените работи. -Но, решението се одлагаше, а ваквото неодговорно работење предизвикува дополнителен трошок од 120 милиони евра. Тоа се пари на граѓаните на Македонија, трошок кој го предизвика неодговорното и расипничко владеење на Никола Груевски, истакна Сугарески.
Министерот за транспорт додаде дека во тек се анализи на затекнатата состојба и се работи на изнаоѓање решенија, укажувајќи дека за овој катастрофален зафат треба да се понесе одговорност.
OhridNews













