Спортско- рекреативното друштво Св. Апостол Петар ја доби концесијата за користење на рибниот фонд за рекреативен риболов во сливното подрачје на Охридското езеро кое ги опфаќа реките во општините Охрид и Дебрца и Требенишкото езеро.

– Одлуката на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од вчра е објавена и во Службен весник на РМ и очекуваме во рок од седум дена да го потпишеме договорот со надлежното министерство, по што ќе може да стартува и обавувањето на концесионерската дејност, вели претседателот на Св. Апостол Петар, Радован Димитриевски. 
 
Согласно Законот за рибарство и аквакултура, рибите од риболовните ревири и рекреативните зони се даваат на концесија за период од 6 години. Висината на надоместот за нивното користење изнесува 10% од вредноста на издадените дозволи за рекреативен риболов на годишно ниво.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски вчера ги додели договорите за доделување на концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов за 20 риболовни ревири, врз основа на спроведена  постапка на јавен конкурс.

Последен пат договори за концесија на рибите за организирање на рекреативен риболов беа потпишани во 2005 година кога важеше Законот за рибарство од 1993 година. Со донесување на новиот закон за рибарство и аквакултура во 2008 година се изврши допрецизирање на начинот на стопанисување со рибите.

Се очекува министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во наредниот период да распише јавни конкурси за давање на концесија на рибите за вршење на стопански и рекреативен риболов на Охридското Езеро, Преспанското Езеро, Дојранското Езеро и вештачкото езеро – акумулација Шпилје.

OhridNews