Словото не е само средство за комуникација, туку темел на духовноста, културата и националната самобитност, а делото на светите браќа продолжува да живее во јазикот кој го говориме, во вредностите што ги чуваме и иднината што ја создаваме, беше потенцирано на денешната свечена академија насловена „Од слово до вечност“ која се одржа во црквата „Света Софија“ во Охрид по повод одбележување на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Големината, целта и значењето на денешниов собир се пројавуваат во зајакнувањето на меѓусебното единство и взаемното уважување, како и во истакнувањето на сето она што нè зближува, не само како народ, туку и во односите со различните народи и култури, рече во обраќањето епископот Хераклејски г. Климент.

Радоста што произлегува од животот во заедница со Бога и со другиот човек, за нас претставува вредносен систем. Тој е воспоставен најнапред со апостолското Павлово наследство, а потоа продолжен со Кирило-Методиевата свештена традиција која од времето на светите Климент и Наум ревносно се негува во Македонија. Наша должност и обврска е овој завет со дела да им го посведочиме и предадеме на младите поколенија, кои се нашата иднина и наше наследство. Така ќе можеме да ги разбереме и неминливите пораки на денешната поставка на литургиски предмети и икони организирани од Завод и Музеј Охрид. Тие со својата најдлабока смисла, претставуваат прозорци кон вечноста, кон соборното постоење и кон заедницата на човекот со Бога. Нека ни е честит празникот, нека ни е честит јазикот, а светите Кирил и Методиј нека бидат постојано со нас, заедно со нивните свети ученици, та од род во род и од генерација во генерација, да се продолжува и да се сведочи нивното дело, словото и чудото на јазикот, додаде епископот Хераклејски г. Климент.

Двајца великани и една голема идеја, духовна светлина од над еден милениум зад нас, не прави денес горди наследници на една не само историска, туку и цивилизациска придобивка, свое писмо, своја азбука и свој препознатлив културен и национален идентитет, рече во обраќањето претседателот на МАНУ академик Живко Попов.

Словенската цивилизација, позната како цивилизација на писмото и книгата, во рамките на европската цивилизација и историја, зачната и израсната на нашата македонска земја, зачувана и пренесена низ традициите на нашата Света Црква – Охридската Архиепископија – ние, денешните генерации и потомци на светите браќа Кирил и Методиј, сме обврзани низ континуирани научни истражувања заеднички да ја проучуваме во сите нејзини сегменти, афирмирајќи ги највисоките достигнувања и цивилизациски вредности од почетоците, па сè до денешни дни, додаде Попов.

Светите Кирил и Методиј ни оставиле повеќе од азбука, ни оставиле цивилизациска обврска, да не дозволиме словото да стане празна форма, да не дозволиме образованието да стане само формалност, да не дозволиме младите да ја изгубат вербата дека знаењето има вредност,  рече во обраќањето премиерот Христијан Мицкоски.

Иднината на една држава не се мери само со бројќи и статистики. Таа се мери со тоа колку образовани, достоинствени и свесни генерации создава. И затоа денес кога се поклонуваме пред светите браќа Кирил и Методиј да не го правиме тоа само како потомци кои се сеќаваат и го споменуваат минатото. Да го правиме тоа како генерација која има обврска кон иднината. Да си ветиме дека ќе го чуваме словото, како што се чува нашиот дом, како што се брани и штити семејството. Затоа што држава може да биде малубројна по број на жители, мала по територија, но голема по дух. Може да нема огромни богатства, но да има народ што знае, создава и остава трага. А народ што има слово, култура и образование, никогаш не е мал народ.

Светите Кирил и Методиј, истакна Мицкоски, ни го поставиле темелот на една цивилизациска идеја, дека човекот е вистински слободен кога има право да мисли, учи и создава на свој јазик.

Нивното дело не е само историски настан, туку победа на знаењето, духовноста и културата над темнината и покорувањето.  Од нив започнува нашата културна и духовна преродба, продолжена преку нивните ученици и низ вековната традиција на писменоста и просветата. Македонија низ историјата опстојувала преку словото, црквата и образованието. Од Охридската Архиепископија до Македонската православна црква, духовниот и националниот континуитет бил чувар на идентитетот и народната свест. Светите Кирил и Методиј му припаѓаат на целиот свет, но нивното дело останува доказ како еден народ се издигнувал преку борба, знаење и духовна сила.

Империи, посочи Мицкоски, се рушеле, границите се менувале, владетели доаѓале и заминувале, но словото останувало.

Токму преку словото народите стануваат вечни. Затоа денес имаме обврска да ја чуваме книгата, науката и духовноста како најголема вредност. Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја. Тоа не е само историска поука, ова е и современо предупредување, додаде Мицкоски.

Н.С.Ј.

фото. Влада