Синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“  во Охрид свечено беше отворена Интернационална летна школа за архитектура и дизајн што веќе втора година се одржува во организација на Универзитетот Американ Колеџ Скопје – Факултет за Архитектура и Дизајн. На свеченоста присуствуваа и токиските архитекти, Јошихару Цукамото и Момојо Каиџима, основачи на  едно од најиновативните архитектонски бироа во светот.

Штотуку пристигнавме и немавме прилика да видиме многу од архитектурата во Охрид, но ова што се случува тука со летната школа е прекрасна работа. Задоволство е да се биде тука. Веднаш ја прифативме поканата е еве не тука. Имавме прилика да го посетиме Скопје и беше многу интересен за нас. Тоа е еден нов град, интересна е сета таа промена, направена на многу интересен начин, рече Јошихару Цукамото.

Летната школа за архитектура и дизајн е проект во рамките на активностите на „Охридско лето“. Директорката на Фестивалот Елизабета Јанкуловска поздравувајќи ги архитектите учесници на Интернационална летна школа и студенти на Универзитет Американ Колеџ Скопје се заблагодари за соработката и учеството на  Охридско лето, фестивал кој од минатата година широко ги отвори вратите за креативните индустрии.  

Архитектурата како дел од фестивалот предизвикува огромен интерес и кај публиката и кај медиумите. Токму тие  го препознаат квалитетот и значењето на овој седумдневен проект со кој  започна реализацијата на идејата, Фестивалот „Охридско лето“ да живее преку цела година, односно да има активности и надвор од традиционалната уметничка рамка 12 јули – 20 август кога ни се случува магијата на музиката која плени и впечатокот кој се врежува со прекрасните изведби на театарските уметници, рече Јанкуловска. Таа ги запозна учесниците на Летната школа со историскиот развој на „Охридско лето“, неговото значење и улога во севкупниот развој на културното делување.

Овој седумдневен проект е со подршка на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, Општина Охрид, и Министерството за клултура на РМ.

Директорката на Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска рече дека реализацијата на Летната школа има за цел афирмација промоција и актуелизирање на креативните индустии во Македонија.

Потребата од ваквото фокусирање произлегува од неопходноста за ставање на културата и идентитетскиот комплекс, градителското наследство и културното наследство како носечки проблеми низ кои во денешно време и услови треба и може да се промислува суштината на архитектонскиот и културниот идентитет, рече Паскали Бунташеска.  

Според неа меѓусебното поврзување и заедничкиот настап  на различни институции во овој проект преставува посебен квалитет.

OhridNews