„Само јавното претпријатие „Охридски комуналец“ не може или не сака да го види маслото, нафтените деривати и хемикалии кои пливаат во пристаништето. Нечистотијата се појави веднаш по фрлањето на снегот во водите на Охридското Езеро. Сопствениците на бродовите се во право кога велат дека за сета нечистотија после акцијата на „Комуналец“ ќе бидат обвинети бродовите“, реагираат од спортско-риболовниот клуб „Свети Апостол Петар“ по повод вчерашното соопштение на „Охридски комуналец“ во кое претпријатието се оградува од загадување на езерото.

Спортските риболовци велат дека инспекторите за животна средина, и покрај тоа што биле повикани преку медиумите, сепак не изглегле на терен да ја согледаат состојбата со загадувањето.

„Во акцијата според најавата на ЈП „Охридски комуналец“ се чистеа  улиците „Партизанска“, „Димитар Влахов“, „Јане Сандански“, „Македонски Просветители“, „7 Ноември“ и „Питу Гули“ . ЈП „Охридски комуналец“  во соопштението до јавноста тврди дека снегот од горенаведените улици е депониран  на паркингот за автобуси на СРЦ ‘’Биљанини Извори’’ . За жал вистината е дека тука се тепонирани само неколку камиони а другиот снег заврши директно во езерото што се гледа и од сликата направена од еколошката комисија на СРК „Св. Апостол Петар“. Снегот од кејот кој не е третиран со сол самиот се стопи“, велат спортските риболовци.

Тие, како што пишуваат во реакцијата, не ја осудуваат акцијата на комуналното претпријатие, туку одлуката, снегот директно да се фрла во водите на езерото и тоа во строгиот центар на Охрид. „Незнаеме зошто му беше потребна оваа парада на „Охридски  комуналец“ ,кој во акцијата ги потроши парите на граѓаните за утовар , истовар, транспорт и требаше само камионите натоварениот снег да го изнесе надвор од Охрид. За ваков атак врз езерото во Европската унија кон која се стремиме некој дебело одговара. Но кај нас за рекламата дека многу работиме подготвени сме да предизвикаме еколошка катастрофа“, додаваат од СРК „Свети Апостол Петар“.

Ohridnews

фото:СРК Апостол Петар