Светиот великомаченик Прокопиј живеел во време на царот Диоклецијан, а тоа е време на најжестоки прогони на христијаните. Пред да стане христијанин Прокопиј се викал Ненание. Татко му бил христијанин, но мајка му не била христијанка туку верувала во многу богови. И Прокопиј во младоста не бил христијанин туку многубожец, а во службата брзо напредувал и станал александриски војвода .

Но еднаш за време на бура слушнал глас од небото, а кога погледнал нагоре видел крст. Веднаш порачал да му се направи таков крст и секогаш го носел со себе. По една борба од која излегол како победник мајка му го повикала да им принесе жртва на римските богови. А кога тој одбил тоа да го направи признавајќи дека е христијанин, таа го пријавила кај царот. Царот најпрвин го убедувал да се откаже од христовата вера и да му се врати на идолопоклонството, а кога Прокопиј без размислување тоа го одбил, бил мачен, а потоа исечен со меч, во 303 година во Кесарија.

Преданието раскажува дека заедно со Прокопиј биле мачени и дваесетина девојки затоа што станале христијанки. Прокопиј ги советувал да истраат во верата и во смртта да појдат со задоволство како да одат на свадбен церемонијал.Поради тоа што ги поврзал бракот со христијанската чистина Прокопиј се споменува во црквата при венчавањето.

Според народната етимологија на зборот Прокопија се поврзува со прокопување па во Дебарца се верува дека ако на тој ден се работи облак ќе го прокопа полето.

Јасминка Т. Момироска