Православната црква денеска го одбележува споменот на Свети Вукол, епископ Смирненски; Светата маченичка Фауста; Светата маченичка Доротеја; Свети Фотиј, патријарх Цариградски; Преподобните Варсонуфиј и Јован и на Светите маченички Марта и Марија и нивниот брат Ликарион.

Свети Вукол, епископ Смирненски

Ученик на Св. Јован Богослов, којшто и го посвети за епископ на градот Смирна. Во Смирна тогаш имаше малкумина крстени. Свети Вукол блескаше сред темнината на незнабоштвото како јасна свеќа. Се одликуваше со сите добродетели, а особено со благост и со кротост. Пред смртта Вукол го посвети за свој наследник во епископството славниот Поликарп, а самиот мирно се упокои и отиде кај Господ.

Светата маченичка Фауста

Пострада за Христа во времето на царот Максимијан (помеѓу 305 и 311 година). Со своето јунаштво ги восхити и ги обрати кон христијанство своите мачители: осумдесетгодишниот жрец Евиласиј и епархот Максим. Кога судијата и се закани на Фауста со уште пострашни маки, таа му рече да изработи нејзина икона со изобразба на сите оние маки со коишто и се заканува. Кога беше готова иконата и и ја покажаа, Света Фауста рече: „Како што оваа икона не чувствува никакви маки така ни моето тело не ги чувствува маките од твоите казни, зашто душата моја е утврдена во Бога“. Судијата ја фрли во котел со врела вода и во него ова тринаесетгодишно девојче претрпе смрт и со молитва на усните отиде со душата во Рајот.

Светата маченичка Доротеја

Угледна и прекрасна девица од Кесарија Кападокиска. Управникот на областа Саприкија им ја даде Доротеја на двете незнабожечки сестри Христина и Калиста за да ја одвратат од Христа. Но се случи обратно: Доротеја успеа да ги обрати обете сестри во верата Христова. Налутен Саприкиј нареди и ги врзаа овие две сестри со плеќите една за друга, па ги фрлија во каца со смола и ги запалија. Тогаш ја осудија на смрт Доротеја. Таа радосно ја ислуша пресудата и возвикна: „Ти благодарам, душељубецу Христе, што ме повикуваш во Твојот Рај и ме воведуваш во пресветите дворци Твои!“ Некој присутен големец Теофил и се насмае на Доротеја за овие зборови и и довикна: „Чуј, невесто Христова, испрати ми јаболки и цвеќе од шипинките од Рајот на твојот жених!“ „Навистина ќе ти испратам!“, му одговори маченичката. Кога Доротеја беше на губилиштето одеднаш се појави едно прекрасно момче со три чудесни јаболка и три црвени цвета од шипинки. Тоа беше ангел Господов. А беше зима. Доротеја му рече на ангелот да му ги однесе на Теофил и да му рече: „Еве ти што бараше!“ Кога Теофил ја прими пораката и го виде дарот, сиот го обзеде страв. И се се преврте во него, па тој, закоравен незнабожец, стана христијанин. Беше и мачен и убиен за Христа, а отиде со душата во Рајот на Господ Исус набрзо после Света Доротеја.

OhridNews