На 15 јуни со почеток во 20 часот во Куќата на Христо Узунов предавање на тема „Светиот град: Црковна архитектура на Охрид во 14 век“ ќе одржи Јасмина С. Ќириќ, историчар на уметност од Филолошко-уметничкиот факултет во Крагуевац.
Предавањето е посветено на испитување на Охрид како уникатно обликуван сакрален простор во доцниот среден век, во кој црковната архитектура не била само место за богослужба, туку и важен фактор во формирањето на духовниот и урбаниот идентитет на градот. Почнувајќи од архитектурата на охридските храмови, нивниот распоред во рамките на урбаното ткиво, положбата во однос на езерото, комуникациите и процесиските насоки, предавањето ќе ги посочи начините на кои сакралната топографија го обликувала искуството на градот како симболично замислена целина, информираат од Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“.
Посебно внимание, посочуваат, ќе се посвети на феноменот на ритуалното движење, улогата на литургиските и празничните поворки, како и на визуелниот ефект на фасадите и архитектонската пластичност во процесот на создавање сакрален амбиент.
Во овој контекст, Охрид ќе биде претставен како простор на густо меѓусебно проникнување на архитектурата, ритуалната и колективната меморија, во кој црквите функционирале како духовни и визуелни точки на сложена мрежа. Предавањето го поставува и прашањето за односот помеѓу земскиот град и идејата за Небесниот Ерусалим во византиската и доцновизантиската култура, што укажува дека архитектурата на средновековен Охрид учествувала во обликувањето на простор кој ја надминал својата практична функција и станал носител на симболични и духовни значења, додаваат од „СПОНА“.
OhridNews













