Светската банка (СБ) во јунскиот полугодишен извештај ја ревидираше нагоре прогнозата за раст на македонската економија на 1,4 отсто од 1,0 отсто, колку што прогнозираше во претходниот извештај, пренесува „Макфакс“.

Прогнозите за раст на македонската економија за наредните две години останаа непроменети. СБ и натаму предвидува дека Македонија во 2014 година ќе оствари раст од 2,2 отсто на бруто домашниот производ, додека во 2015 година растот ќе достигне 3,5 отсто.

Според СБ најголем ризик за македонската, како и за глобалната економија е еврозоната за која предвидува дека годинава ќе оствари пад од 0,6 отсто, што е за половина процент полошо од претходната прогноза.

Светската банка во својот извештај надолу ја ревидираше и прогнозата за раст на светската економија , од првичните 2,4  на 2,2 отсто.

Иако СБ нагоре ја ревидираше прогнозата за раст на македонската економија, таа и натаму е пониска од прогнозите на македонската влада и на Меѓународниот монетарен фонд, кои предвидуваат раст од два отсто, како и од онаа на Народната банка, кој изнесува 2,3 отсто.

Банката предупредува и дека растот на големите економии во развој, кои го поттикнуваат растот на глобалната економија последните години нема да биде толку солен како пред светската финансиска криза, па овие земји ќе се концентрираат на структурните реформи за да го одржат високите стапки на раст.

OhridNews

извор: „Макфакс“