На 8-ми Март покрај Денот на жената, се одбележува и Светскиот ден на бубрезите. Глобалната кампања оваа година е посветена на подигање на свеста за важноста на здравјето на бубрезите кај женската популација. Од Хроничната бубрежна болест – ХББ боледуваат 195 милиони жени ширум светот. Таа е 8-ма водечка причина за смртност кај жените со годишно околу 600 000 смртни случаи.

Ризикот од развој на ХББ е поденаков кај мажите и кај жените, а според некои истражувања кај жените може да биде и поголем. Сепак во светски рамки бројот на жени на дијализа е помал од бројот на мажи. Трансплантацијата на бубрег е исто така нееднакво застапена кај двата пола главно поради социјални, културни и психолошки аспекти,па жените почесто ги донираат бубрезите а имаат помалку шанси да ги добијат.

Според податоците во Р.Македонија има околку 1600 пациенти со краен стадиум на хронична бубрежна болест , кои се лекуваат со некој од тераписките модалитети: дијализа или транспантација на бубрег. Од нив 1350 се пациенти на дијализа, а околу 250 лица имаат трансплантиран бубрег. 

Еден од десет возрасни имаат некој стадиум на Хронична бубрежна болест. ХББ има 5 стадиуми. Повеќето луѓе немаат симптоми се додека болеста не напредне. Човекот може да изгуби и до 90% од функцијата на бубрезите без да почувствува значајни симптоми. Токму затоа, ХББ е позната како „тивок убиец“. Навремената дијагноза е клучна! Затоа, од особена важност е да ја подигнеме свесноста кај населението за хроничната бубреѓна болест, навремените и редовни прегледи и избегнување на ризиците може да ја спречат и забават прогресијата на ХББ, чиј краен стадиум бара неопходно лекување со дијализа или транплантација.

Жените за разлика од мажите поради бременоста се изложени на дополнителни ризик фактори за развој на бубрежна болест, преекламсијата, септичкиот абортус и постпарталното крварење се водечки причини за развој на акутна бубрежна слабост кај млади жени. Сепак и кај жените со краен стадиум на бубрежна болест, регуларна дијализа и успешна трансплантација може да ги зголемат шансите за успешна бременост, која треба да биде планирана и следена.

Во фокусот на одбележување на Светскиот ден на бубрезите е достапен и правичен пристап до здравствено образование, здравствена заштита и превенција за болести на бубрезите за сите жени и девојки во светот. Здружението на бурежно болни граѓани НЕФРОН и Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи МЗНДТВО, во соработка со стручните професионални здруженија на медицински сестри како и учество на одговорни личности и институции од сегментот на здравството, концесионерите на дијализните центри, со подршка на медиумите традиционално се приклучуваaт во глобалната светска мрежа на организации кои го одбележуваат Светскиот ден на бубрезите.

OhridNews