Во чест на националниот празник Илинден, делегација на oпштина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, претставници на градскиот совет, пратеници и претставници на политчки партии, денес во спомен паркот на илинденските великани, положија свежо цвеќе, во знак и почит кон нивното дело.

„Собрани сме тука денес на Илинден, нашиот најголем национален празник, денот кој ја симболизира вековната борба на македонскиот народ за своја држава, но и за правда, човекољубие  и  хуманост,  да им оддадеме достојна почит на великаните на македонската револуционерна и народно ослободителна борба. На Илинден во 1903 година, после пет века османлиска власт, Македонецот  се крена на востание воден од желбата да ги доживее човечките правдини, да ја почувствува слободата и да го почувствува достоинството.“ – истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.

За историското значење на двата Илиндена зборуваше професорот по историја, Бобан Блажески, а   ансамблот  „Билјана Јуниор“ изведе сплет од македонски револуционерни песни.

Инаку, синоќа со пригодна свеченост и положување свежо цвеќе пред паметникот на илинденците, празникот беше одбележан и во селото Велгошти.

OhridNews