СВР Охрид информира дека работи на целосно расветлување на инцидентот со двоjазичната табла, испишана на македонски и албански јазик на филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Охрид, која утрово беше скршена.
-За инцидентот бевме утрово информирани од вработените, по што веднаш беше известен јавниот обвинител и беа преземени неопходни мерки за расчистување на настанот. СВР Охрид има јасни индиции за можниот сторител. – изјави портпаролот н СВР Охрид.
Инцидентот го забележале безбедносните камери на објектот.
Како што дознаваме полицијата истражува и кој, кога и како ја поставил двојазичната табла на филијалата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Охрид и дали истото е напревано согласно законот. Вработени во државните институции сместени во објектот, изјавија дека таблата била поставена во текот на ноќта. За раководителот на филијалата Самет Ризвани, пак, неважно е кога е поставена таблата и смета дека таа не претставува никаква провокација во актуелниот политички момент, бидејќи, како што објасни, се работи за тековна активност на фондот која се спроведува и во други градови.
-Ова нема никаква врска со никаква политичка околност и тоа што во моментов се случува во Република Македонија. Ова се тековни работи кои ги има преземено фондот за промена на таблите во сите филијали. – изјави Ризвани. Тој смета дека чинот на кршење на таблата претставува прекршок кој треба да се санкционира.
Пред три години во подрачната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Охрид на вратите од канцелариите беа поставени двојазични плочки со имињата и функциите на вработените, што исто така тогаш предизвика ракции во јавноста.
Г.М.
Поставена па скршена двојазична табла на зградата од Фондот за пензиско осигурување














