СВР Охрид заедно со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот во Охрид почна со превентивната кампања „Вози тротинет безбедно“.
Полициски службеници од Отсекот за превенција и претставници од Советот на повеќе сообраќајници во градот, во комуникација со лицата кои управуваат електрични тротинети, ги запознаваа со правилата и прописите за безбедно управување тротинети, за новите измени во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата во однос на управување на овој вид на превозно средство, при што им беа поделени и едукативни летоци, информираат од СВР Охрид.
Целта на кампањата, потенцираат, е подигање на свеста за безбедно учество во сообраќајот, информирање на возачите на тротинети за сообраќајните правила и законски обврски и пред се намалување на бројот на сообраќајни незгоди и повреди.

Со измените се воведува обврска за возачот на лесно електрично возило задолжително да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото, а обврската за носење рефлектирачки елек од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, останува на сила и понатаму, како и дека не смее да управува со возилото во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возилото ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност, за што се предвидени глоби во зависност од утврдената содржина на алкохол во крвта на возачот.
Покрај утврдените глоби за одредени прекршоци се предвидува и привремено одземање на возилото во времетраење од 30 дена.
OhridNews














