При контроли извршени во периодот од 14 до 20 јануари, одземени се три патнички моторни возила, и тоа по едно во Охрид и во Струга, поради изминат рок на важност на возачките документи од шест или повеќе месеци и едно во Кичево, заради техничка неисправност и сомнение за прекумерна бучавост, информира СВР Охрид.

Полицијата ги спроведува донесените законски измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, според кој, полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена, истакнуваат од СВР Охрид.

 Ако биде утврдена техничка неисправност на возилото која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена, – стои во соопштението од СВР Охрид.

Според новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, полициски службеници ќе можат веднаш да ги симнат регистарските таблички на возилото и да го отстранат од сообраќај, ако се посомневаат дека е технички неисправно. Ваквите возила полицијата може да ги задржи и до 90 дена. Законот предвидува и трајно губење на возачката дозвола за возачи кои почесто се јавуваат како сторители на посериозни прекршоци во сообраќајот или на сообраќајни незгоди со потешки последици.

OhridNews