Платформите на охридското крајбрежје се наменети за сите граѓани, потенцираат од Македонски Телеком АД – Скопје и Т-Мobile Македонија кои минатата година на неколку локации долж брегот на Охридското езеро поставија понтонски мостови.

И покрај тоа, сопственик на ресторан и хотел, пред чиј објект е поставена една од платформите, деновиве ја затвори со натпис дека може да ја користат единствено гости од хотелот.


По бројните реакции од граѓаните, OhridNews се обрати до Т- Mobile Македонија, од каде објаснуваат дека понтонските мостови пред се се наменети за вкотвување на лесни пловни објекти (чамци, глисери, лесни бродови или скутери), односно за поголема безбедност на пловилата и за безбедноста на граѓаните. Оттаму, додаваат дека поставувањето на лежалки, чадори и други реквизити на мостовите е направено своеволно од страна на сопствениците на хотелите, рестораните и другите угостителски објекти.

–    Нашата намера е мостовите да ги користат сите туристи кои летуваат во Охрид, без разлика дали се гости на хотелите или не, пред се за пловните објекти, за што се и наменети. Затоа, во најскоро време ќе преземеме мерки, мостовите да се користат за намената за која се и поставени и да ги користат сите граѓани, потенцираат од Т- Mobile Македонија.


Со оглед на тоа дека платформите се донација од страна на компанијата Т- Mobile Македонија и Македонски Телеком АД Скопје и се поставени на локации кои се во државна сопственост, ваквото однесување на поединци е сосема неосновано. Истовремено, кога во договорите на  концесионерите на плажите, кои за нивно користење и плаќаат годишна закупнина на државата,  еден од основните услови е концесионерот да овозможи слободен влез за сите посетители. 

Тања Кувенџиска