Одбивање да извршат превоз на пократка релација, не користење на таксиметар, наплаќање поголеми износи, недостапни линии, нервозни и фрустрирани патници, ова е сликата која години наназад се случува со такси превозот во Охрид во текот на летната сезона.

Социјалните мрежи преполни со реакции и изнесени најразлични негативни искуства.

  • За да не превезе од кај гимназијата до меѓуградската автобуска станица таксистот ни побара 450 денари;
  • Влегов во такси возило и побарав да ме вози до некогашната касарна. Забележав дека таксиметарот не е уклучен, кога прашав зошто, возачот ми кажа дека нема потреба затоа што цената е 100 денари. Дадов забелешка дека не е исправно што не ми кажал кога влегов во возилото, на тоа тој се изнервира кажа дека не може да вози под стрес и ме врати на локацијата од која се качив и буквално ме исфрли од возилото-раскажува патничка;
  • Линиите секојдневно се зафатени, нема возила затоа што сите возат на релации каде патуваат младите на кои им наплаќаат големи износи;
  • Со болно дете во раце барав возило, ми кажаа дека ќе дојде, а потоа воопшто не се појави. Ми кажаа дека во стариот дел во градот воопшто не возат.

Ова се само мал дел од искуствата со такси превозот на охриѓани и гостите во изминатите денови. Кога ќе се додаде и тоа дека кон охридските плажи секојдневно возат и голем број приватни лица кои качуваат патници и им наплаќаат, може да се каже дека во текот на сезоната владее вистински хаос и безредие во превозот.

Од локалната самоуправа велат дека до општинскиот инспекторат, нема пристигнато ниту една писмена преставка или жалба, во врска со такси превозот на патници во Охрид.

  • Граѓаните најчесто усмено ги пријавуваат проблемите со кои се соочуваат при користење на такси услугите, од страна на охридските такси превозници. Во согласност со Законот за превоз во патниот сообраќај, нема казнена одредба за одбивање на барање за такси услуга, такашто инспекциските служби до сега имаат изречено само усмени опомени до такси превозниците и такси компаниите во врска со ваквите поплаки, велат од локалната самоуправа.

Од општина Охрид додаваат дека инспекциските служби се во постојана координација со Сообраќајната полиција при СВР Охрид и секојдневно вршат контроли на сезонскиот и линискиот превоз на патници, како и на такси превозниците и такси компаниите во градот. Во текот на летната сезона биле спроведени три координирани акции, а врз основа на овие контроли, поведени се голем број на прекршочни постапки по различни основи.

Т.К.