Татко и син од Охрид на возраст од 44 и 18 години крвнички биле претепани од засега непознати лица. Инцидентот се случил вчера, кога бил и пријавен во полициската станица во Охрид.

Како што информира МВР, од извршениот разговор со нападнатите било констатирано било дека 18-годишниот охриѓанец движејќи се со возило по бул.“Туристичка“, бил сопрен од три непознати лица. Откако застанал лицата почнале да викаат на висок тон и со раце и нозе да удираат по возилото, при што го оштетиле предниот браник и го скршиле задното десно стоп светло. Момчето се исплашило и заминало, по што телефонски му кажало за случајот на неговиот татко. За кратко време кога поминал покрај кафе бар го забележал неговиот татко паднат на земја, а истите лица го удирале по телото со дрвена летва и железна шипка. Кога синот се обидел да му помогне, лицата физички го нападнале и него, по што побегнале од местото на настанот.

На двете лица им била укажана лекарска помош, при што кај таткото се констатирани телесни повреди, а кај синот биле констатирани тешки телесни повреди (внатрешно крварење на мозокот).

Истите ќе бидат задржани на понатамошно лекување во МЦ Охрид. Од страна на СВР Охрид извршен бил увид на местото на настанот и подигнати биле предмети за понатамошна постапка. СВР-Охрид презема мерки за целосно расчистување на случајот.

OhridNews