На програмата на годинешното 66. издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва е премиерната изведба на прeтставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во продукција на „Театарот на еден актер“ од Скопје.

Основачот на оваа продукција, Бајруш Мјаку, заедно со режисерот Иван Поповски, со избран актерски тим и импресивна сценографија, го реализираат текстот „Таткото“ од Флоријан Зелер. Во претставата играат Андре – Бајруш Мјаку, Ана – Амернис Нокшиќ, Пиер – Фисник Зеќири, Една жена – Сабина Мемиши Асланај, Лаура – Мелика Кастрати и Еден маж – Флакрон Алији. Сценограф е Енес Деари, а костимограф Изет Цури.
Со ликот на Таткото, Мјаку ќе ја заокружи својата блескава 53-годишна театарска кариера.
Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто толку колку и ликот на Таткото во драмата „Таткото“ од Флоријан Зелер, кој во поодмината возраст боледува од болеста на заборавањето – Алцхајмер. Покрај исклучителната театарска вредност на текстот, сметам дека со овој материјал отвораме едно мошне актуелно прашање што го зафаќа целиот свет и сè повеќе ни се приближува – Алцхајмеровата болест, вели Мјаку.

Претставата „Татко“ е во времетраење од 1 час и 30 минути и е наменета за сите возрасти. Истата ќе биде изведена во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот. Цена на билетот е 300 денари.
OhridNews










