Со завршување на вонредната состојба, синоќа на полноќ, продолжуваат да течат изборните дејствија кои беа замрзнати поради пандемијата од Ковид 19, што беше причина за прогласување на вонредна состојба во земјата. Согласно роковите предвидени во законот во ваква ситуација, изборите треба да се одржат на 5 јули, а изборната кампања почнува на 16 јуни.

Претходно лидерите на двете најголеми политички партии во земјата, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, не постигнаа договор околу датумот за избори. Претседателот на СДСМ Зоран Заев по средбата со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во петокот во вилата на претседателот на државата на Водно, најави дека е подготвен на отстапка изборите да се одржат на 8 јули, но владата не побара пролонгирање на вонредната состојба за дополнителни 3 дена, со што 5 јули останува датум на кој треба да се спроведат изборите.

Државата веќе шест месеци нема активен парламент, институциите се изјаснија дека нема потреба од продолжување на вонредната состојба, само ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, соочени со пораз на изборите упорно се обидуваат да ја држат државата во заложништво без целосно функционални институции. – велат од СДСМ.

Безбедноста и здравјето на граѓаните се приоритет за ВМРО-ДПМНЕ и од тоа не отстапуваме, истакна Никола Мицевски, кој беше кординатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за иден пратеник на наредните избори. Тој во емисијата „Стадион“ на канал 77 рече дека една од главните цели на ВМРО-ДПМНЕ, на престојните избори кога и да се одржат, е да го победи вирусот Заев кој што ја уништува Македонија, и по формирањето на Владата да се справи со пандемијата со корона вирусот.

Безбедноста и здравјето на граѓаните се приоритет и од тоа не остапуваме. Во однос на изборниот процес кој што ќе следи во некој нареден период исто така имаме одредени услови кој што не се наши, тие треба да се одржат согласно изборен законик согласно изборните дејства кои што ги има Државната изборна комисија. Така да, не отстапуваме од здравјето и безбедноста на граѓаните, посебно не во оваа состојба, рече Мицевски при што додаде дека избори треба да има кога ќе се намали бројот на нови заразени случаи со корона.

Од друга страна претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, во изјава за медиумите, деновиве, рече дека за 22 дена не е возможно да се организираат предвремени парламентарни избори. Освен техничките причини, тој ја наведе и актуелната здравствена криза како пречка за одржување на изборите на 5 јули, како што предвидува законот.

На тема избори се огласи и ЕУ која инсистира на фер, демократски и инклузивен изборен процес. Инклузивноста на изборите како исклучително значаен фактор ја потенцира и претседателот на државата Стево Пендаровски. Во обраќањето пред јавноста претседателот рече дека на земјата и е потребен инклузивен изборен процес, но и стабилни институции. Во спротивно поделеноста во општеството може да предизвика уште подлабока политичка криза, дури и безбедносна дестабилизација на земјата која може да ги загрози евроинтегративните процеси, предупреди тој. Апелираше до политичарите да ги тргнат на страна личните и партиските интереси и да изнајдат заедничко решение за изборите.

OhridNews