Во храмот „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид деновиве беа осветени три нови камбани, кои ќе бидат ставени во служба на црквата и на верниот народ.
Чинот на осветувањето го изврши Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, во присуство на свештенството и верниците.
Новите камбани се дарувани за потребите на храмот, еден од најзначајните православни светилишта во Охрид и во земјава, со цел да придонесат за збогатување на богослужбениот живот и духовното сведоштво на црквата.
Од Дебарско-кичевската епархија истакнаа дека нивниот звук ќе биде повик за молитва, духовно будење и собирање на верниот народ во храмот.
Нека нивниот милозвучен звук, излеан како повик за молитва и духовно будење, постојано го собира и укрепува верниот народ, сведочејќи за радосната вест и повикувајќи кон покајание и благодарност кон Бога, порачаа од Епархијата.
Храмот „Света Богородица Перивлепта“, изграден во 1295 година, претставува едно од најзначајните духовни и културно-историски обележја на Охрид и е познат по својата исклучителна архитектура и вредниот фрескоживопис.
Г.М.
Фото: Дебарско – кичевска епархија
















