Жестока вербална расправија се случила вчера помеѓу локалното население и обезбедувањето на сместувачкиот капацитет во селото пред кој се наоѓа малиот параклис посветен на Св. Јован Крстител. Расправата како што дознаваме се случила околу хортикултурното уредување на просторот. Инцидентот го потврдија од охридската полиција која била информирана за настанот. Тензиите по кусо време се смириле.


Блиска средба помеѓу локалните жители и обезбедувањето на приватниот имот имаше и минатата недела, што предизвика лавина реакции. Месното население и сопствениците на објектот спорат околу просторот на кој е поставен малиот параклис. Трпејчани кои се обидуваат да го уредат овој простор тврдат дека се работи за свето место каде од памтивек се изведувале верски обреди, додека сопствениците на имотот кои го поддржуваат поставувањето на параклисот се противат на изведување други зафати околу црквичката со образложение дека со тоа се врши узурпација на имот. Локалното население пак тврди дека узурпација вршат сопствениците на сместувачкиот капацитет поради што бараат локалната самоуправа и надлежните државни институции да постапат по законот и да го заштитат јавниот интерес.


Во саботата Трпејца го посетија пратениците од ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски и Харалампие Шокароски кои на претставниците на Месната заедница им ветија дека ќе се заложат за решавање на случајот и побараа Локалната самоуправа да ги отстрани незаконските градби од спорниот простор. На ова реагираше општината од каде ги обвинија пратениците дека наместо да ја смират, ја подгреваат тензичната атмосфера во оваа населба. Оттаму ја обвинија и партијата  ВМРО- ДПМНЕ, дека со оваа постапка сака да спечали политички поени  и поради тоа  вината за случувањата во Трпејца неаргументирано  ја префрла на Локалната самоуправа.

OhridNews