Втора година по ред во Охрид беше организирана средба на генерацијата полуматуранти 1948/1949-та година од ОУ „Григор Прличев“. Деведесеттина некогашни соученици од повеќе краеви на светот, повторно на едно место ги споија избледените спомени од школските денови.

Меѓу главните виновници за ова дружење е Цано Сталески, кој на соучениците од „минатото“, но и на некогашните „даскалки“ во ОУ „Григор Прличев“, им овозможи повторно да ги споделат животните приказни на ривиерата.

Оваа година успеавме да најдеме другари кои живеат во Австралија, Америка, Чешка и сите поранешни југословенски републики. Еден интересен податок е тоа што гости ни беа и две наши професорки, Климентина Милошеска и Вера Андоноска, како и сегашната директорка на училиштето, Силвана Мојсоска. Вечерта беше прекрасна, сите беа воодушевени. Ние сме единствената генерација од Охрид кој имала свој претставник за 25-ти мај, роденденот на Тито и Денот на младоста, а тоа беше Љубица Опелова.“ – објаснува Сталески.

Љупчо Паункоски, еден од организаторите на настанот, вели дека преку овие средби на површина излегуваат подзаборавните спомени од училишните клупи.

Да се направи една ваква вечер со толку многу луѓе, е тешка и макотрпна работа. Голем број од нашите некогашни соученици живеат надвор од Македонија и во прекуокеанските земји. Мислам дека средбата беше досега невидено кај нас, а голем дел од нашите пријатели не можевме ниту да ги препознаеме. После 51 година, со некои се видов за прв пат. Навистина беше прекрасно.“ – вели Паункоски.

Директорката на ОУ „Григор Прличев“ изјави дека огромно е задоволството да се соработува со оваа генерација „полуматуранти“, кои најдобрите школски денови ги поминале токму во оваа образовна институција.

Навистина ми е задоволство што имаме контакт со ваквка прекрасна генерација, кои се потсетија на училиштето во кое ги поминале најдобрите школски денови. Се гледа дека имале убав живот, штом се собираат после 51 година.  Тие тука се секогаш добредојдени, а тоа е апел до сите, да го следат нивниот пример.“ – изјави Мојсоска.

Како и претходната, така и оваа година, „полуматурантите“ донираа парични средства за санацијата на санитарните јазли во ОУ „Григор Прличев“.

Оваа година, тие имаа желба за поголема донација. Ние сметавме дека најпотребно е да се санираат санитарните јазли, а донацијата беше во електрична инсталација, нов плафон и ново осветлување. Многу сум благодарна и во името на училиштето и сите наставници, се надеваме дека оваа соработка и понатака ќе продолжи.“ – потенцира Мојсоска.

Донаторите на финасиските средства се некогашни „полуматуранти“ од генерацијата 1948/1949 од ОУ „Григор Прличев“ и тоа од САД, Австралија, Словенија, Хрватска и Македонија.

O.T.