Пишува: Д-р спец. Татјана Зорчец – ЈЗУ Клиника за детски болести – Скопје

Причинителот за појавата на тиковите кај децата засега сè уште не е откриен. Се претпоставува дека на појавата на тиковите влијаат повеќе чинители како емоционални, генетски, хемиски и еколошки. 

Тиковите се дефинираат како повторливи, неритмички серии на движења, од неволна природа, на една или повеќе мускулни групи. Тие се ненадејни грчења, движења или звуци кои децата ги повторуваат во одреден временски период. Може да се јават на кој било дел од телото, да го менуваат местото на манифестирање, како и фреквенцијата на јавување. Во принцип, тиковите се случуваат секојдневно и предизвикуваат значителен стрес за детето и за неговото семејство.

Генерално тиковите се делат на моторни или звучни. Постојат транзиторни тикови кои се случуваат во краток временски период, обично во раното детство и постепено исчезнуваат или влегуваат во спонтана ремисија, хронични тикови кои траат подолг временски период и присутни се во облик на еден или неколку едноставни или сложени тикови и синдромот на Жил де ла Турет кој е сложен, комплексен тик кој се карактеризира со повеќе физички или моторни тикови и најмалку еден звучен тик.

Исто така, тиковите можат да бидат едноставни или комплексни. Едноставниот моторен тик вклучува само една мускулна група и се манифестира како трепкање, движење на главата во одреден правец, мрдање со грбот, вратот, образите, усните итн. и речиси секогаш е фокусиран на горниот дел од телото. Едноставниот звучен тик вклучува поткашлување, душкање, шмркање, гровтање, пискање итн. Комплексните моторни тикови се јавуваат кога има контракција на повеќе од една група мускули, како разни необични движења, бизарни манири и може да вклучува неколку екстремитети. Комплексните звучни тикови вклучуваат повторување на повеќе звуци, зборови или цели фрази, а можно е и ненамерно повторување на непристојни зборови или т.н. копролалија.

Тиковите можат да се јават насекаде на телото и нивната зачестеност може да биде помеѓу еднаш и 200 пати во минута. Тие се разликуваат од стереотипите, компулсиите, рутините и ритуалите. Општо земено, можеме да кажеме дека разликата помеѓу овие манифестации е во нивото на свесноста и контролата, која генерално кај тиковите е лимитирана. Но, за тиковите се врзани и повеќе парадоксални факти, меѓу кои дека се јавуваат на мускулите кои можеме да ги контролираме и дека нивното манифестирање донекаде може да биде намерно потиснато или физички спречено во краток временски период.

Причинителот за појавата на тиковите кај децата засега сè уште не е откриен. Се претпоставува дека на појавата на тиковите влијаат повеќе чинители како емоционални, генетски, хемиски и еколошки. Како придружни појави на тикот не ретко се јавуваат и нарушување на вниманието со или без хиперактивност, опсесивно-компулсивно растројство, покачено ниво на анксиозност и депресивно расположение.

Во однос на третманот, не постои еден ефективен третман кој може да го разреши тикот. При третманот на тиковите се препорачува холистички пристап, од мултидисциплинарен тим на експерти од областа, вклучително и родителите и наставниците на детето, кои можат многу да направат во олеснувањето на состојбата. Третманот треба да содржи: едукација на пациентот и семејството за текот на растројството, проценка на детските когнитивни способности и поведение, тесна соработка со родителите и училишниот персонал, психотерапија и доколку е неопходно и фармакотерапија.

Третманот на тиковите зависи од тежината на клиничката слика на тиковите, нивото на вознемиреност која ја предизвикуваат и степенот на негативното влијание кое тиковите го имаат врз училишниот успех и поведение или во секојдневните активности на детето.

Доколку е тикот благо изразен и не влијае негативно на училишното постигнување или на секојдневниот живот, третман може и да не е потребен. Но, доколку е третманот неопходен, тогаш најчесто се применуваат психотерапевтски интервенции, како бихејвиорални терапии, когнитивно-бихејвиорална терапија, советување, техники на релаксација, промена на животните навики. Генерална цел на психолошките третмани е да го научат детето како да го промени своето поведение, да ги контролира сопствените чувства или да забележи при кои ситуации тикот најчесто се појавува. Со текот на времето, детето ќе научи како да го контролира тикот, како поинаку да го доживува, како да ја зголеми својата самодоверба и како да превенира формирање на комплекс на пониска вредност.

Во однос на прогнозата, поголемиот дел од децата со манифестација на тикови, како што влегуваат во подоцнежните години од адолесценцијата или раната зрелост, ќе постигнат значително намалување на фреквенцијата на тикот. Кај мал процент од нив, тикот ќе продолжи и во возрасната доба. Но, стресните настани подоцна во животот можат да предизвикаат повторна појава на тиковите. 

Текстот е позајмен од магазинот „Наше Здравје“