Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија го прифати извештајот од почнатите разговори на црковните комисии на МПЦ и на Бугарската православна црква и донесе став разговорите меѓу двете црковни комисии да продолжат. Портпаролот на Синодот, г. Тимотеј по синодската седница која се одржа денеска и на која беа разгледани повеќе актуелни прашања од црковниот живот, рече дека  САС на МПЦ покрај другото ги афирмира своите досегашни непроменети ставови и уште еднаш апелира до државните фактори и институции да го зачуваат Уставот, да не се менува уставното име на Република Македонија, да не се менува уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на земјава и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет. Со овој став на САС целосно ги поддржуваат правата на останатите етнички заедници согласно Уставот.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што стои во Извештајот од седницата на првата комисија меѓу МПЦ и Бугарската православна црква и дали има некакви индиции што вчера во изјава ги кажа владиката Петар дека требало да биде јасно разграничено дека истоветноста на црквите не значи дека сме исти држави, ист народ и ист јазик со Бугарите и дека требало тука да се прецизираат, тој рече дека никој од архиреите на МПЦ никогаш не го поставувал како прашање, ниту пак може да го поставува како прашање дека сме посебен народ, дека посебна држава и посебен јазик.

„Така што доколку некој има во глава такви размислувања или дилеми тоа е негов проблем, меѓутоа кај никој од архиереите, не само архиереите, туку сметам кон целокупното свештенство и монаштво нема такви размислувања“, рече Тимотеј.  Во врска со тоа дали Бугарската православна црква и официјално ја има известено Цариградската патријаршија за ова барање од МПЦ, Тимотеј вели дека тие на 7 јануари патуваат за Цариград по повод реновирањето на нивната катедрала од периодот уште на егзархија Свети Стефан и смета дека тогаш и ќе разговараат.

Следната средба се очекува во текот на јануари.