Подготвеноста на тимовите за спасување на планина, делувањето на вода и  пуштањето во употреба на бродот амбуланта, се само дел од активностите и новините во работењето на општинскиот Црвен крст кои ја одбележаа изминатата година.

Претседателот, Сашо Точков, се надева дека нема да има многу интервенции, но, како што вели, потребата постои. „Затоа со гордост ја истакнувам подготвеноста на нашите тимови да одговорат на ваквите потреби“, додава Точков.


Во однос на крводарителството, Точков информира дека во 2011 забележан е мал пад во однос на бројот на крводарители.

– Иако програмата ја надминавме со над 2.200 крводарувања, оваа бројка е за 300 крводарители помала од евидентираните во 2010. Тоа беше и очекувано со оглед на различниот концепт на работа на трансфузиолошките служби кој неодамна се воведе низ земјава. И покрај тоа, ние подготвено одговоривме на потребите, немаше недостаток од крв, за што придонесоја и вонредните крводарителски акции, потенцира Точков.

Тој најави и интересни проекти за најмладите кои треба да се обучат како да даваат прва помош во домашни услови. Уште еднаш го нагласи задоволството од секојдневното зголемување на бројот на волонтери.

– Нивниот број од ден на ден е се поголем. Се поголем е бројот на луѓе заразени со вирусот на хуманоста, што ни дава поттик и доказ дека ја правиме вистинската работа, вели претседателот на општинскиот Црвен крст.

OhridNews