По верификацијата на мандатите на пратениците од СДСМ, останува неизвесно дали сеуште актуелниот координатор на советничката група на СДСМ во советот на општина Охрид, Томислав Тунтев, ќе присуствува на закажаната седница во петок  во својство на советник.

За Тунтев останува нејасно како може и покрај нивните изјави заверени кај нотар дека не ги прифаќаат пратеничките мандати, собранието да ги верификува , иако на решенијата не стојат нивни потписи.

До сега немам добиено никакво решение од собранието за засновање на работен однос , на кое треба да стои и мој потпис. Во спротивно, без потпис не може работниот однос да биде  заснован. Но, излегува дека кој како сака си го толкува  законот. Во тек се консултации со правните лица, во меѓувреме додека не се расчистат работите не гледам причина да не учествувам во работата на советот на општина Охрид, вели Тунтев.

Правни лица велат дека станува збор за конфузна ситуација поради правна празнина, која се поизвесно е дека ќе треба политички да се решава .  

Од друга страна, собранието на Република Македонија со 86 гласа „за“ пред два дена, на конститутивната седница ги верификуваше мандатите на сите 123 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори на 27 април.

Претседателот на Комисијата за верификација на мандатите Александар Николовски, повикувајќи се на конечниот извештај на Државната изборна комисија, на Изборниот законик, Законот и Деловникот на Собранието, предложи Парламентот да ги верификува мандатите на сите 123 пратеници.

Согласно член 13 од Деловникот на Собранието, надлежност е на Верификационата комисија врз основа на Извештајот на ДИК за избор на секој пратеник да поднесе писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник пооделно. Во случајов согласно Извештајот на ДИК неспорно пратениците на коалицијата СДСМ, НСДП, ЛДП, ОМ, Партија за движење на Турците на Македонија, ПЦЕР, Српска странка во Македонија, Демократски сојуз на Власите и Санџачка лига и пратеникот на Национална демократска преродба се избрани за пратеници на предвремените избори одржани на 27 април. Во Уставот на Република Македонија, во Законот за Собрание и во Деловникот не е предвидена одредба избран пратеник да има право да даде изјава со која не прифаќа да му биде верификуван мандатот. Во Уставот и во Законот за пратениците е утврдено дека мандатот на пратениците го верифиува Собранието и дека мандатот на пратеникот почнува да тече од конститутивната седница, односно од денот на верификација на мандатот“, рече Николовски.

Т.К.