Традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција „За посреќно детство“ ќе се реализира во недела, 24 септември, информираат од Црвен крст Охрид.

Овој настан кој е со широко општествено значење, ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од плоштад „Чинар“, а цел на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде ќе продолжат спортските, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди. Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата, ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца, велат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, ракомет, тенис, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (четиридневен престој во Суботица, тридневен престој на Златибор, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо во втората половина на октомври.

Продажбата на учесничките броеви е веќе во тек. Мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52., потенцираат од Црвен крст Охрид.

Традиционален партнер на акцијата „За посреќно детство“ е Стоматолошки Центар Д-р Баткоски, велат од Црвен крст Охрид, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

OhridNews