Поради новите препораки на надлежните институции, да не се организираат повеќе крводартелски акции на отворено, под шатори и слично, традиционалната крводарителска акција „Плаошник“ која се организира секој 8-ми август, на празникот Св.Климент, почнувајќи од 2005 година, оваа година наместо на Плаошник, се одржа во ОУ „Св.Климент Охридски“.

Во акцијата што ја организираат општинската организација на Црвениот крст – Охрид и одделенијата за трансфузиологија при болниците во Охрид и Струга, собрани беа 22 единици крв, што е значително помалку од досегашниот просек од околу 130 единици крв. Тоа според организаторите се должи на промена на местото на одржување на акцијата.

-Ние ја почитуваме одлуката на надлежните да не се одржуваат крводарителски акции на отворено под шатор и акцијата ја спроведовме во ОУ „Св. Климент Охридски“. Секако не очекувавме број на крводарители како што имавме годините наназад на Плаошник каде доаѓаа многу крводарители од Охрид и цела Македонија. Голем бенефит беа тие крвни единици, многу животи се спасени. Немам намера да ги коментирам одлуките на Институтот за трансфузиона медицина, но зачуден сум, бидејќи со години наназад сме ги воспоставувале потребните услови за спроведување на оваа крводарителска акција на отворено под шатори на Плаошник, за кои во изминатите десет години нема ниту една забелешка. Тоа богатство што го создадовме со тие акции на Плаошник се плашам дека на овој начин ќе го изгубиме, како и доброволното крводарителство во Македонија кое може да доживее крах, рече Сашо Точков, претседател на Црвен крст – Охрид.


Сашо Точков

Слични акции се одржуваа на Мечкин Камен во Крушево, кај жабарот во Скопје, како и во Скребатно, за кои, исто така, има препораки да не се реализираат повеќе на отворено.

OhridNews