Годината што изминува во Охрид ја одбележаа бројни немили настани и трагедии кои ги засенија убавите моменти кои во 2009 година за жал ги имаше малку. Претставниците на локалната медиумска заедница и оваа година за Ohridnews прават анализа на случувањата во 2009 година. Без задршка посочуваат на настаните и случувањата кои ќе останат во колективната меморија на охриѓани.


Во година која мина во знакот на економската криза тешко е да се говори за позитивни настани кои придонесоа срцата на охриѓани да се растреперат од среќа, вели Сашо Нелоски – новинар на Македонската радиотелевизија.

Во секој случај нив ги имаше, а како најпозитивен би го издвоил оној кога кај археолошкиот локалитет помѓу Горна портра и Света Богородица Перивлепта беа откриени скапоцени артефакти од 5 век пред нашата ера. Ако се цени мислењето на експертите се работи за откритие кое е позначајно од она кога беше пронајдена златната маска. Со тоа уште еднаш се потврди дека под слоевите земја во Охрид се крие непроценливо богатство кое придонесува да се расветлат многу значајни моменти за нашата земја, каде што се испреплетуваат цивилизациите, а кои се дел од нашата историја и култура, посочува Нелоски.

Без многу размислување за најнегативен настан во 2009 ќе ја посочам бродската несреќа која се случи на 5 септември во која животот го изгубија 15 бугарски туристи. За ова многу се говореше и писуваше, па би сакал само да кажам дека очекувам во текот на судскиот процес целосно да се расветлат причините за трагедијата, бидејќи сега прстот на правдата е вперен само кон капетанот на бродот, кој верувам не е единствениот виновник.

Лице кое ја обележа 2009 можеби за мене ќе беше Паско Кузман,заради големото откритие или славниот композитор Енио Мориконе, меѓутоа бродската несреќа придонесе да одлучам поинаку. За мене лица на годината се сите оние обични и можеби мали луѓе, но со големи срца кои ризикувајќи ги своите животи ги спасуваа давениците по бродската несреќа. Не би издвоил никого, бидејќи тие сите заедно му покажаа на светот дека во Охрид живеат многу смели и хумани луѓе, рече Нелоски.
                                              
Дали премногу очекувавме или 2009 година не поминува онака како што сакавме. Наместо убави настани во вестите информиравме за жртви, катастофи, поплави убиства, вели Тања Маленкова – новинар во локалната Тв М.

Еден од најтемните настани за кој уште долго ќе се сеќаваме и ќе се зборува е потонувањето на бродот „Илинден“, 15 жртви кои се удавија и непријатното чувство кое уште долго време ќе ги возмемирува сите охриѓани.

Годинава која изминува јас барем ќе ја паметам по прекрасниот концерт на Енио Мориконе, и отворањето на 49 тото издание на Охридско лето.

За најличнот за 2009 год, би го издвоила Мишко Танески кој со својот успех искачувајки се на Хималите, го промовираше не само Охрид туку и Македонија.  Многу ветувања, многу очекувања во јануари, а сега во декември колку и да мислам 2009 год. тешко дека остави некој белег по кој ќе ја паметиме. Да се надевема дека со затемнувањето на месечината кое е најавено за последниот ден од оваа година ќе измине периодот на затемнувања и дека новата 2010 година ќе почне светла со нови надежи, очекувања и остварувања, вели Маленкова.

Недвојбено настан број еден во Охрид што ја одбележа годината што изминува е потонувањето на бродот „Илинден“, трагичната несреќа што однесе 15 човечки животи, смета  Александар Бачиќ – дописник на државната новинска агенција МИА.

Како новинар кој години работел во деск и секојдневно се среќавал со слични настани од светот, можам во оваа прилика само да нагласам оти сосема поинаку ја доживеав оваа несреќа, многу повеќе лично, споредбено со претходните искуства стекнати преку преработување вести за трагедии што се случувале некаде далеку, надвор од нашата држава, би рекол и надвор од нашата свест.

Од областа на културата, позитивни оценки за бројот и квалитетот на понудените содржини во рамките на културните манифестации што традиционално се одржуваат во Охрид. Тука посебно би го издвоил настапот на светски познатиот Џорџ Бенсон кој верувам дека, исто како и мене, успеа во сеќавањата на сите кои дојдоа на Антички и го проследија концертот да впише незаборавни мигови.

Од политичките настани нема да посочам ниту еден, со единствена цел барем во текот на овие Новогодишни празници да ги поштедам читателите од невкус, истакна Бачиќ.

Нина Кепеска, дописник на А1 телевизија, „Време“ и Радио „Слободна Европа“, смета дека 2009 во Охрид за жал ја одбележаа повеќе негативни отколку позитивни настани.

Настан со најцрн биланс досега беше потонувањето на бродот Илинден со 15 жртви-туристи од Бугарија, за кои екскурзијата за Свети Наум кобно заврши во водите на Охридското Езеро. Во 2009 имаше неколку несреќни инциденти во Охридското Езеро со жртви, четири свирепи убиства и седум самоубиства. Тоа ја отвори дилемата за начинот на решавањето на семејно-интимните проблеми и за цената на човечкиот  живот, посочува Кепеска.
 
Светла точка во годината што изминува беше што Охрид беше веројатно најчистиот град во државава, со нови садници од цвеќе и Јапонски цреши, но без доволно светло во стариот град и на кејот. Заживеа крајбрежјето со уредени плажи, но без добар пат да се стигне до нив.

Личност што ја одбележа 2009 е Петар Попоски од Охрид, врвен научник од светски ранг, универзитетски професор во Алборг, прогласен за млад елитен истражувач на годината во Кралството Данска. Попоски Македонија и Охрид најдостоинствено ги претставува на сите светски меридијани со резултатите од истражувањата за новите технологии, кои освен теоретскиот аспект имаат и практична примена во современото живеење, истакна Кепеска.

Се обидувам да најдам нешто убаво, по што би можела да кажам дека ќе ја паметам годинава што изминува, но за жал не успеав во тоа, вели Росица Голабоска – дописник на „Алфа“ телевизија.

Прелистувајќи ги текстовите што сум ги пишувала наидов на полни редови болка, тага, несреќи, трагедии, грозоморните случки. И како да не ни беа малку немилите настани – се случи и бродската несреќа. Колку што ми посметаа  шпекулациите и начинот на кој за ова пишуваа  бугарските медиуми, еднакво ми посмета лицемерието, дрскоста, нечовечноста  и на оние  кои профитираа од трагедијата, а бројни се и оние кои изигруваа доброчинители. Жал ми е што никој од македонките авторитети не успеа да го одбрани и нашето културно богатство од соседите кои и за тоа пишуваа се и сешто, се погласно и се повеќе.

После бројните циркузи и скандали во Охрид, многу лица ми оставија впечаток но негативен. Не се осудувам да ги спомнам, за да не заглавам како Св.Климентовите награди. Мој херој и човек кој ми покажа како треба да се истрае во најтешките моменти,како се бори за сопствениот живот  е – татко ми. Надежта очекува по нешто од секое утро, инаку не би можеле да живееме. И пред да им посакам среќни мигови на моите сограѓани, ќе им порачам да внимаваат на кому му го поверуваат сопственото здравје, вели Голабоска.       

Дефинитивно настан на годината беше потонувањето на бродот Илинден при што се удавија 15 бугарски туристи, смета и Симон Илиески – долгогодишен дописник на телевизијата „Канал 5“ и „Утрински весник“ и претседател на Регионалното здружение за новинари со седиште во Охрид.

Беше тоа досега најголемата несреќа што се случила  во водниот сообраќај во Охридското Езеро. Несреќата, за жал честопати беше золупотребувана со пласирање на бројни шпекулации во македонските , а особено во бугарските медиуми. Истрагата заврши пред две недели  и се очекува на почетокот на јануари да започне судскиот процес во кој треба да се утврдат причините за несреќата и евентуалната вина на  единствено осомничениот, капетанот на бродот Сотир Филески.

Позитивна улога во намалувањето на шпекулациите  и злоупотреба на несреќата одигра  Здружението на граѓани  „5-ти Септември“  кое неколку дена по потонувањето ги започна  контактите со семејствата на починатите и локалните власти во општината Пирдоп во Бугарија.Токму поради позитивната улога , Ротари клубот од Пирдоп на охридското здружение му го додели  високото признание Иницијатива на  годината, вели Илиески.

Во годинава што изминува  најбележит  позитивен настан  беше спектакуларното отворање  на Фестивалот Охридско лето со настапот на Енио Мориконе, светската ѕвезда  на филмската музика. Во убавото  и забелешката дека во иднина ваквите спектакли не треба да се злоупотребуваат  како што се случи летовово кога на еден од спонзорите  на агенцијата што го донесе Мориконе во Охрид му беше  дозволено  на Античкиот театар да отвори шанкови за алкохолни и безалкохолни пијалоци.

Скандалот со доделувањето на највисокото општинско признание , наградата Св.Климент Охридски , според мене  е најнегативниот настан што се случи во 2009 година. Наградата не се додели  пред се поради меѓупартиски несогласувања и политички пазар, состојба  која предизвика лавина реакции во јавноста и конечно го отвори прашањето за компетентноста на Комисијата за доделување на високото признание.Токму поради тоа пошироката јавност побара во иднина комисијата наместо од советници да се формира од видни  граѓани од повеќе професии кои ќе имаат личен авторитет  за да одлучат кому ќе му биде доделено највисокото општинско признание за животно дело, подвлекува Илиески.

Мики Трајковски – дописник на „Алсат“ телевизија и „BBC“ и новинар на локалното „Супер радио“, смета дека 2009 година за Охрид ке остане запаметена по бродската несреќа која се случи и која долго време беше вест број еден во македонскиот медиумски етер но и пошироко.

За мене иако требаше да биде најпозитивниот настан кој ке ја промовира Македонија во светот на спортот , ракометниот мундијал во женска конкуренција кој се одржа годинава ја покажа нашата незаинтересираност да се претставиме пред светот  во најдобро светло, и тоталната поделеност помеѓу оние кои беа главните актери во неговата организација.

Многу повеќе имаше работи кои го заслужуваат единствено епитетот негативни, на пример во овој контекст би ја сместил и според сите инволвирани во туризмот, најслабата туристичка сезона до сега иако за годинава која следува се предвидува дека ќе биде уште послаба во оваа сфера, вели Трајковски.

Позитивно сепак би го одвоил Охридско лето, фестивалот кој го одржува рејтингот на Охрид како град на културата и кој е за сега колку толку репрезент во светот дека постоиме. За жал многу повеќе ќе се сеќавам на црниот дел од приказната за Охрид отколку на светлиот. Лице кое остави “впечаток“ е капетанот во Охридската капетанија Љупчо Настоски кој иако безброј пати беше повикан да објасни што се случи на 5-ти септември ниту еднаш до сега не се појави во јавноста

Најпозитивен настан кој остави  белег изминатава 2009 година беа збиднувањата на репертоарот на  најголемата културна манифестација  – фестивалот “Охридско лето”, смета Соња Рилкоска – новинар во локалната НТВ.

Посебно морам да нагласам дека тука мислам на концертите кои  претставуваа сплет на модерното и класичното. Благодарение на добрите организатори и селектори публиката имаше можност да ужива во прекрасните звуци  произведени од врвни светски музичари. Ќе останат запаметени и концертите на Џорџ Бенсон,Енио Мориконе, Клаз Брадерс и Куба Перкашн но и други.  

Како најнегативен настан ќе го издвојам непразнувањето на патронот на градот св Климент Охридски, кое за жал се случи како  производ на политички интриги при доделувањето на “Светиклиментовата награда” за животно дело. Тоа беше вистински срам за градот под Самоиловата тврдина, девалвирање на значајната награда но  и валкање на името на големиот просветител и заштитник на Охрид.

За личност на годината ќе го изберам Тони Симоноски како директор на фестивалот Охридско лето, за неговиот придонес во развојот на  културата,  како и промоција на Охрид во светски рамки, истакнува Рилкоска.

Милчо Јованоски – дописник на радиото „Дојче Веле“ и уредник на ohridmagazin.mk, смета дека оваа  2009 е година  што треба побрзо да се заборави.

По нокаутот, наречен Букурешт, добивме уште еден во Брисел. Но се чини најстрашно  е што нашите политичари и после се никако да седнат и да ги збијат редовите.Кому му одговара ваквата состојба?! – прашува Јованоски.

Локално – тажен сум што Охрид пречесто беше во  ударните најави по медиумите со вести за убиства,  давења,бродска несреќа…
           
Охрид ги пречека Шарл Азнавур и Енио Мориконе.Убаво!Дојдоа ги видовме и не видоа. Мислам дека не беа претставени во потполно светло – пропорционално со  се она што го оставиле зад себе во блескавите кариери кои им се на залез.
           
Се радувам на возобновената Куќа на Уранија.Сомнежите околу автентичноста – конечно паднаа пред коректно одработеното под будното око на тимот од Завод и Музеј – Охрид.

Ќе ја паметам промоцијата на стихозбирката „Вие “од Видое Видически во Аквариус.Поради сочните и секогаш актуелни стихови на Видически и присуството на македонската литературна елита.
           
За крај. Барем за мене – настан број еден е Меѓународната конференција посветена на десетте природни езера во светот одржана во Охрид во организација на Хидробилошкиот институт.И по се Езерото било и ќе биде бренд по кој се препознава Охрид – вели Милчо Јованоски.

Годината што останува зад нас е дефинитивно една од најмрачните, најцрни години за Охрид. Година со зачудувачки многубројни  сообраќајни несреќи во Охридското Езеро кои имаа и фатални трагични краеви со згаснување на човечки животи, истакна Ангела Белеска – уредник на локалниот весник „АМАК прес -Охридски новини“.

Езерските трагедии започнаа со настанот во кој по превртувањето на  пловен објект- педалинка животот го загубија двајца другари. Врв на несреќите беше потонувањето на бродот Илинден. Настан кој  се случува еднаш  на сто години и кој  ја потресе не само македонската туку и светската јавност. Жртви во кобниот ден беа бугарските туристи кои за жал загинаа во несреќата ,а жртва беше и младиот но искусен капетан кој го понесе целиот товар од случувањето на својот грб. Но, ме радува моќта на човековата природа, во потсвеста да се складираат само убавите моменти на сметка на лошите кои полека бледнеат во човековата  “мемориска картичка“, вели Белеска.

Во 2009-та година имавме локални избори кои не би ги вброила ни во позитивни ни во негативни туку во вообичаени настани, затоа што според мене од политика на локално ниво не може да се живее или просперира.

Рекламниот спот “Охрид град на светлината“ што се емитуваше на светски познатата ТВ -мрежа Си- Ен –Ен и низата слични проекти со промотивен карактер  за  Охрид,ни ги отвораат вратите кон светот но мислам дека се уште  сме далеку од можноста да привлекуваме богати гости или да развиваме елитен туризам  кај нас.

2009-та година беше успешна на личен и професионален план за мене. Тука е мојата магистратура на Правниот факултет во Скопје и секако професионалното напредување на работното место. Медиумот што во  моментов го водам а кој е  единствен печатен медиум во Охридско- струшкиот регион прерасна во сериозно периодично гласило со интересни теми и специфичен стил на пишување, и што најмногу ме радува со редовна  читателска публика, смета Белеска.   
          
Колку и да размислувам од мноштвото настани кои ни се случуваат секојдневно ќе се определам за најголемата трагедија која воопшто  се има случено во водите на Охридското Езеро како најнегативен настан на годината, вели Сузана Вренцоска – новинар на весникот „Вечер“.

Бродската несреќа која се случи на 5-ти септември однесе животи на 15 бугарски туристи и стави белег на годинава која изминува. 

За позитивен настан кој ќе остане запаметен за 2009 година секако е настапот на Енио Мориконе на отварањето на Охридско Лето кој ја одушеви публиката на  Антички, додава Вренцоска.
 
Генерално културните збиднувања и оваа година беа очекувано успешни, а што се однесува на политички план ништо ново на сцената. Годинава за жал имавме и мноштво настани од црната хроника бројни убиства и самоубиства. Се на се кога ќе направам една слика за сите збиднувања би рекла измина една лоша година. Очекувам и посакувам Новата година да ни донесе подобри денови и повеќе насмевки на лицата на граѓаните, посакува Вренцоска.

Лејла Гогова – водител на вестите на локалната Тв М, смета дека 2009 година ќе биде запаметена по бројните трагедии.

Не се памети година како оваа во која се случија толку многу негативни настани. Трагедии се случуват секаде, но впечаток е дека дел од несреќите кои ја потресоа не само овдешната јавност, туку и светот, можеа да се спречат. Се надевам дека нешто слично во Охрид веќе нема да се повтори, но за да биде така ќе треба сите ние да извлечеме голема поука од сето ова. Охрид ќе продолжи да живее натаму но засекогаш ќе носи лузна која ќе не потсетува на трагичните настани на Охридското Езеро што се случија оваа година, вели Гогова.

Иако лошите вести доминираа во информативните програми, во 2009-та не беше се така црно. Светли моменти ни приреди фестивалот Охридско лето, а тука се и прекрасните концерти на Џорџ Бенсон, Владимир Четкар, како и други бројни културни настани. Веројатно 2010 ќе биде многу подобра и затоа посакувам на сите нас повеќе здравје, сила и љубов, а помалку негативна енергија, додава Гогова.

Мислењата на нашите почитувани колеги реално ја отсликуваат состојбата во годината што изминува. Во 2009 година Ohridnews беше хроничар на настаните кои се случуваа во нашиот град. Се трудевме пред се објективно и навремено да ве информираме за случувањата во Охрид. Ги пренесувавме информациите од големите и малите настани, ставови и реакции, професионално и одговорно. Затоа и ја уживаме вашата доверба. Посакуваме во Новата година да има помалку негативни настани, а повеќе да пишуваме за убавата страна на животот, за успесите и врвните професионални достигнувања на нашите сограѓани и заедно со Вас читателите да продолжиме да се бориме за вистинските вредности во севкупното живеење, но и за одговорно однесување не само на носителите на јавни функции, туку и на медиумите и невладиниот сектор кои треба да се во функција на граѓаните, а не да бидат продолжена рака за задоволување на интересите на поединци и групации. Граѓаните многу добро разликуваат што е одговорно, а што неодговорно работење, што е сензационален ексклузивитет, а што објективност. Секој обид нештата да се претстават поинаку од тоа што се ја навредува интелегенцијата на луѓето со здраво расудување. Оhridnews ќе продолжи да работи согласно професионалните стандарди и ќе го почитува новинарскиот кодекс и се разбира во Новата година ќе ве информира објективно и навремено.

Горан Момироски