Младата ИТ компанија Codewell, која е дел од ПСМ инкубаторот во Скопје, на пазарот ја пушти мобилната апликација наречена TraWell Ohrid, која претставува  туристички водич за градот Охрид и е првата мобилна апликација од ваков вид направена во Македонија. Како што велат основачите на Codewell, целта им била непосредно пред главната летна сезона на oхридското крајбрежје, да го лансираат нивниот нов производ, кој ќе им биде од голема корист и на домашните и на странските туристи.

“Станува збор за прва професионална апликација за паметни телефони и таблети од ваков вид направена во Македонија. Во моментов функционира на сите уреди кои користат оперативен систем Android, а во текот на летово ќе пуштиме и верзија за оперативниот систем iOS, со што TraWell Ohrid ќе може да се користи и на iphone и на ipad“, вели Мартин Анчевски, еден од двајцата основачи на Codewell.

TraWell Ohrid во моментов може да се купи за 4,99 долари на Google play, официјалниот интернационален пазар за мобилни апликации за оперативниот систем Android.

Оваа мобилна апликација на туристите им нуди мапа со која полесно можат да ги најдат сите места кои сакаат да ги посетат, односно културните знаменитости, верските објекти, спомениците, како и кафе-баровите и рестораните, со детални информации и фотографии од секоја означена точка. Со сето ова корисниците  можат однапред да ја испланираат својата прошетка низ Охрид и да си го олеснат пристапот до секоја локација.

Покрај туристичката мапа, мобилната апликација TraWell, ја нуди и опцијата испраќање електронска разгледница, а исто така ја има и функцијата т.н. збогатена реалност или augmented reality, како една од најмодерните технологии во светот на телекомуникациите во моментот.

TraWell Ohrid е всушност втора верзија на мобилната апликација TraWell, направена од оваа млада македонска компанија. Пред два месеци, Codewell ја пушти на пазарот првата верзија на мобилниот туристички водич наменета за главниот град – TraWell Skopje, која исто така може да се даунлодира за 4,99 долари на Google play.

Codewell е основана во мај минатата година од Мартин Анчевски и Нино Карас, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) во Скопје. Прв производ со кој станаа препознатливи на пазарот за информатичко-комуникациски технологии беше мобилната апликација Avtobusko, чии права ги откупи мобилниот оператор T-Мобиле. Нивниот тим го сочинуваат 10 млади програмери, а досега компанијата има завршено над 25 проекти.

OhridNews