Во новиот дел од НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид започна монтажата на софистициран систем за греење и ладење. Оваа вредна донација на барање на Библиотеката е обезбедена од три Лајонс клубови од Охрид: Деница, Лихнидос и Охрид.

Заради поголема ефикасност, овојпат формиравме мал хуманитарен конзорциум, составен од трите Лајонс клубови и две приватни компании, кои многупати досега покажале највисок степен на хуманост и општествена одговорност. Во име на сите љубители на книгата, користам прилика да се заблагодарам на ЛК „Деница“, ЛК „Охрид“, ЛК „Лихнидос“ и на компаниите ПАП – Охрид и АСП ПАК, “рече проф. д-р Зоран Тунтев, од ЛзК Лихнидос, иницијатори на акцијата, што ќе овозможи скорешно проширување на библиотеката

Од Библиотека беше побарана наша помош при опремувањето на новото крило, кое e непосредно до веќе постојните простории а во кои до пред неколку години беше сместена дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“. Нашата реакција беше експресна, бидејќи Охрид како лулка на писменоста мора да има современа библиотека, рече Марија Попоска, претседател на Лајонс клубот „Деница“.

Тие се симбол на урбаното живеење, интелектуалното издигнување и сигурен влог во иднината на младите генерации. – изјави Попоска.

Д-р Ертан Омероглу од ЛК Охрид, истакна дека Охрид заслужува европска библиотека.

Во голем број европски метрополи можете да сретнете библиотеки кои се вистински атракции за туристите. Тоа го заслужува и нашиот град, имајќи ги предвид локацијата, опременоста и книжниот фонд.” – рече Омероглу.

Благодарност до донаторите со доделување на благодарници и примероци од дела во издание на нашата установа упати директорката на Библиотеката Гордана Змејковска.

Таа најави дека за брзо од сопствени средства ќе бидат набавени и други грејни тела и дека забрзано ќе продолжи уредувањето на овој простор.

Ние континуирано добиваме поддршка од Министерството за култура, но еве во овие тешки Ковид времиња, за да си помогнеме и сeбеси и на државата побаравме помош и од Лајонс клубовите од Охрид и општествено одговорни компании во општината, со надеж дека ваквата соработка ќе продолжи и во други проекти кои ќе бидат во насока на афирмација на културното и книжевно наследство за Охрид кое би се презентрирало пред граѓаните и гостите,. – рече директорката Змејковска.

OhridNews