Специјалното јавно обвинителство денеска обелодени три нови истраги кои се отворени за поранешни високи функционери во државата, пренесува „Макфакс“. Првата истрага е за пропаднатиот попис во 2011 година, за што се осомничени поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Според СЈО, осомничените по започнувањето на постапката за попис на населението во земјава, сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, па водејќи се од лични интереси и задржување на моќта во општеството, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари.

Во втората истрага позната под името „Моќник“, СЈО смета дека „под влијание на тогашен моќен пратеник во Репубика Македонија, багателно се распродавал ошштински имот на негови блиски луѓе со измамнички дејствија спрема советници на една општина“.

Поради измама и злоупотреба на службената положба и овластување, покрената е истрага против 13 лица, информираше јавната обвинителка Фатиме Фетаи. Во текот на 2011 година, таткото на пратеникот и тогашниот градоначалник на Македонски брод, поттикнати од пратеникот ги довеле во заблуда советниците со прикривање на факти да изгласаат одлука за отуѓување на задружниот двор во село Ижишта во македонски брод. Со тоа е нанесена штета на државниот буџет од околу 50 илјади евра, информираат од СЈО. Според СЈО, пратеникот барал и лустрација на судијата Драги Билевски за да се одмазди.

Третата истрага се однесува на случајот „Актор“, која се отвара поради сомнение дека е сторено кривично дело за избор на најдобар изведувач на автопатот Демир Капија- Смоквица. Според СЈО, во 2012 година кога се рагледувале и оценувале понудите за изградба на патот, тогашниот претседател на Владата, Никола Груевски со цел за избор на понудувач да не биде избран понудувач од Италија, искористувајќи го своето влијание, извршил влијание врз тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој ги поттикнал членовите на евалуционата комисија да го фаворизираат изборот на фирмата „Актор“ од Грција. Со тоа, според СЈО, му било обозможено на „Актор“ да прибави корист од 7 милиони евра. За „Актор“ се повикуваат лица кои се достапни на СЈО. Сега започнува истрага, ќе се земаат изјави од сведоци и осомничени и врз основа на тоа ќе се побараат мерки од судот“, рече обвинителката Катица Јанева.

OhridNews
извор: „Макфакс“