Успешната приказна на фирмата „Ентер“ која долго време важи за најголем македонски производител на деловен (ERP) софтвер започнува пред точно триесет години во Охрид.


Во меѓувреме, согледувајќи дека претстои период на масовно информатичко описменување, особено кај младите, донесена е одлука за отворање на школа за компјутери и за странски јазици. Школата набрзо прераснува во најголемо македонско училиште од ваков вид и во периодот кога пристапот на интернет беше крајно ограничен, а само мал дел од семејствата имаа домашни компјутери, значително придонесе во стекнувањето на ИТ и јазични вештини кај илјадници ученици, од кои некои денес се универзитетски професори, ИТ експерти, доктори, инженери и успешни менаџери.

Следниот голем чекор напред беше развојот на Cyber Monitor – тоа е првиот македонски софтвер што е извезуван преку интернет. Наменет беше за тогаш популарните интернет кафеа и продаден е во над 70 земји во светот, а куриозитет е и фактот што дел од купувачите на овој софтвер беа и тренинг центарот на чикашката полиција, неколку американски воени бази во Јапонија и хотелот Плаза на Беверли Хилс.
Во меѓувреме, откако се потврди дека сепак најголемата специјалност на Ентер лежи во развојот на деловни софтверски решенија, се донесоа серија одлуки во таа насока. Се воведе брендот Luca Business Software Solutions (Luca BSS), како заедничка платформа за неколку типови деловни софтвери: ERP (Enterprise Resource Planning), DMS (Document Management System), E-commerce, Billing, E-Payment, Sales Force Automation итн и со нив почнува и присуството на пазарите на Западен Балкан. Јадрото на Luca BSS е ERP системот кој во меѓувреме е надградуван неколку пати и функционира и како веб базирана и како клиент- сервер верзија. Тој е најкористениот македонски софтвер од страна на големите фирми и институции во јавниот и приватниот сектор во државата, а се извезува и во Србија, Косово, Црна Гора и Албанија.

На двете локации работат 30-тина вработени, развојот на софтвер е во Охрид, додека продажбата и имплементацијата ја води скопскиот оддел.
Во 2013 година Ентер се стекна и оттогаш редовно ги обновува престижните ISO сертификати: ISO 9001, ISO 20000 и ISO 27001. Последните години, дел од ресурсите на фирмата, оние поискусните, се активни и во обезбедувањето на висококвалитетен IT консалтинг на проекти од Светска Банка, Европска Унија и други меѓународни институции.
Фирмата е партнер и на неколку странски и домашни компании со кои заедно учествуваат на проектите во земјава и во регионот.
На технички план, Ентер е една од ретките компании која неколку години наназад користи автоматизирана алатка за развој на софтвер и е единствената која истата ја има креирано како сопствен производ. Тоа е Luca Framework алатката која функционира како код генератор, во состојба е да ја заменува мануелната работа на значителен број програмери и во исто време да обезбеди автоматизирано, безбедно и квалитетно програмирање, целосно ослободено од човечки грешки. Со тоа директно ја зголемува продуктивноста и му овозможува на Ентер да реализира сложени проекти со куси рокови на имплементација.



30 годишниот јубилеј фирмата „Ентер“ го прослави во кафе барот на плажата „Кадмо“ во присутво на бројни пријатели, соработници и деловни партнери.
Фото галерија:
Триесет години „Ентер“: Техничка супериорност и визионерски пристап во развојот на своите производи
OhridNews
фото. Б. Стојаноски





























































































































