Речиси две недели откко градежна механизација ја отстрани површината на тротоарите од двете страни на булеварот „Туристичка“ на потегот од хотелот „Фламенго“ до кружниот тек на пресекот со улицата „Бистрица“, заради реконструкција на истите, работите целосно застанаа. Жителите од зградите и куќите од двете страни на булеварот кога одат пеш приморани се да се движат по коловозот што ја загрозува нивната безбедност.
Од локалната самоуправа информираат дека застојот се должи на потребата од замена на старата водоводна и канализациона мрежа.
-Моментално има застој во правењето на тротоарите затоа што мора старата водводна и канализациона мрежа која е со азбестни цевки да се замени со нова. Тоа е наследен проблем. Се очекува замената на инсталацијата да се заврши оваа недела, по што ќе се пристапи кон правење на тротоарите. – информираат од локалната самоуправа.
Од oпштина Охрид засега не прецизираат дали во рамки на овие зафати конечно ќе биде уреден паркингот пред зградата бр. 98 на булеварот „Туристичка“, кој чека да биде направен од далечната 1983 година.
Паркингот кој 34 години чека да биде уреден
Инаку изведувач на работите е ЈП Нискоградба, а вредноста на проектот за обнова на дел од тротоарите на булеварот „Туристичка“ е 10.680.000 денари, кои ги обезбеди локалната самоуправа.
OhridNews














