Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство забранува целосно движење во шумите, без оглед на нивната намена. Забраната која почна да важи од 05.08.2017 година ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа одлука не важи за вработените во ЈП „Македонски шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (Национални паркови, Парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).

„Во овие моменти најважно е да се задржи присебноста и граѓаните да имаат доверба во институциите кои се на терен. Ангажирани се Армијата на Република Македонија, ангажирани се хеликоптерите на АРМ, уште еден дојден е на помош од Република Бугарија, и уште еден од Република Турција. Имаме пожарникари на терен, вработени во државни институции и се работи да се локализираат сите пожари“. – изјави Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски при посета на теренот кој беше опожарен во с. Моране, Скопско. 

Министерот Николовски посочи дека во тешки услови за работа, сите ангажирани лица даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите за кои за дел од нив постои сомнеж дека се намерно подметнати.

„Сите ангажирани лица на терен, припадниците на Армијата, војниците, прават натчовечки напори за што е можно побрзо локализирање и целосно гаснење на пожарите. Веќе ја зајакнавме комуникацијата на институциите во однос навремено информирање на граѓаните, а во наредниов период ќе се фокусираме и на зајакнување на одговорот. Тоа што сигурно како Влада на РМ ќе го направиме за во иднина ќе биде реформа во системот за одговор на кризи – овој хаос наследен од минатата Влада ќе биде доведен во ред како и се друго во нашава земја и веќе нема да се случува“. – изјави министерот Николовски.

OhridNews